СЕДМЕРЕЦ: Фраери и килери

„Јане“ ечеше, Вардар тонеше, Кил славеше

1.Приземјување на шампионот

Не знам што му требаше на Тимур Дибиров онаа фраерска изјава пред дуелот со Кил. Покажувањето мускули пред „килерите“ баш и не се покажа како многу паметна работа. Можеби намерата беше да се подигне самодовербата во тимот и атмосферата на трибини со потсетувањето кој е шампион и главен фраер во Европа. Но, по онаа саботна лекција од Германците на сред Скопје, фраерлукот на вардарци исчезна како меур од сапуница на дланката на Ландин.

Некако ич не е фраерски  19 минути да немаш гол од игра, а трибините полни, ечат.

Не е фраерски ни во цели 30 минути едвај да имаш четири гола, а Кил да те „убие“ со +12.

Ич не е фраерски, не е ни вардарски, уште помалку шампионски. Таква безидејност и немоќ не му личи на Вардар, кој, нели, стана препознатлив по тоа што ги „кине“ противниците посебно оние што се посилни на хартија – тимски, со луцидност, со воиграност и со искуство. Против Кил не видовме ништо од тоа во тој „ф…инг“ ден, што би рекол Дисингер.

Факт, Кил е класа тим и европски бренд дури и кога Филип Јиха се учи да биде Алфред Гисласон. Настрана поразот, иако е втор за Вардар од ист противник во два месеци, настрана и вонсериското издание на Никлас Ландин на голот, делумно олеснето и од „распуцотката“ на вардарци околу рамките на голот, проблемот е кај „црвено-црните“. Проблем е пристапот во играта, односот, задоцнетите реакции, недоволната подготвеност…

Па ако сакате, ако не проблем тогаш еден поголем прашалник е и тренерскиот капацитет на Давид Писонеро кој за разлика од претходниците, многу потешко одговара на специфичниот предизвик на клупата на шампионот. Толку ли беше тешко да се предвиди дека Кил, сосема логично, прво ќе го затвори Криштопанс? Или дека на Ландин ќе му тргне ако секој напад е импровизација? Кој не знае дека Кил има опасна бековска линија, па дури таму некаде после 40 минути, Вардар да заигра подлабока одбрана и да го принуди Јиха да игра лошо „7 на 6“. Предоцна и премалку за голем пресврт.

Малку преголемата самоувереност на вардарци – ние сме фраерите, во прво си играме, во второ ги тепаме, овој пат доби болно приземјување. Само петнаесетина добри минути беа доволни за Вардар да го победи Порто или Мотор. За Кил малку потешко…

„Фала им на момците од Кил што ни покажаа каде сме…“ – спортски призна Дибиров по натпреварот.

Толку од фраерлукот…

2.Прва радост во Битола

Во Битола пак, полека но сигурно, главни фраери стануваат „фармацевтите“. Додуша тие се тазе на сцената и не се „испуфкаа“ како варадрци, ни кога го тепаа Веспрем, ама си ги нижат целите една по друга.

Прво ја презедоа вицешампионската титула од Металург, дебитираа во СЕХА, па по 14 години одново ја донесоа ЛШ во Битола. Па направија три победи во серија во регионалната и падна и Веспрем во Битола. Единаесет дена потоа, Алушовски и „фармацевтите“ во Битола ја остварија историската прва победа во Лигата на шампионите против финскиот Кокс, па ја реализираа и „платформата“….

Посакуваа, но „фармацевтите“ не се фраереа премногу дека сигурно ќе ги победат Финците. Па за разлика од саботната агонија во Скопје, во Битола ден потоа првото полувреме беше – рапсодија! Се помачи малку Еурофарм Работник во второ, стандардно, но овој пат издржаа до крај, Митревски спаси кога беше најпотребно и по трите минимални порази конечно дојде и првата првата победа и првата радост во ЛШ. Минимална, ама доволна.

Некој ќе рече Кокс не е Кил, нормално. Ни „долните“ групи не се како оние од „горниот дом“. Ни Еурофарм Работник не е Вардар. Ни трибините во Битола не беа полни како оние во Скопје… И сето тоа стои. Но, стои и фактот дека Работник играше 50 минути со сите сили, во 10 паѓаше, а Вардар играше 10, а 50 минути понираше. Едните имаа 0 од 3 и сега победија, другите имаа 3 од 3 и сега загубија. Во Битола се радуваа, во Скопје собираа памет за друг пат.

Во меѓувреме, Еурофарм извојува уште една локална битка – заверка на битолската ракометна платформа и официјален амин за спојување на двата битолски тима во еден – Еурофарм Пелистер. Што во најава треба да биде финансиски стабилен, просторно обезбеден, логистички сигурен и навивачки масовен субјект на македонската ракометна сцена.

Сега Металург е на потег. Ќе биде ли повторно тимот од Автокоманда фактор и „фраер“ на сцената или не? Со нов тренер во најава, со традиционалната база, акумулираното искуство и долгоочекуваната стабилна финансиска поткрепа без кризни периоди. Инаку, тешко.

3.Европска пролет во Автокоманда?

Пред Металург сега стои нов предизвик, брзо да се консолидира по тренерските смени и да се „извади“ со пласман во групната фаза од ЕХФ Купот. „Металурзи“ ќе стартуваат од третата квалификациска рунда и ако имаат малку повеќе среќа во ждрепката, ќе играат за групна фаза што пак ќе значи и европска пролет во Автокоманда.

За сите други македонски претставници во европските купови, со исклучок на Вардар и на Еурофарм Работник во ЛШ, европската есен траеше само по едно коло. По елиминацијата на ЖРК Металург и на ЖРК Куманово во женскиот дел од ЕХФ Купот, во машка конкуренција исто поминаа Пелистер и Бутел.

За пелистерци приказната беше завршена уште по првиот меч со Винтертур и швајцарските 23 гола негатива, па реваншот во Битола беше само чиста рутина колку да помине маката.

Бутел имаше малку повеќе надеж со +4 од првиот меч со ЗРТ Запорожје, но во Украина ја потроши залихата и го заврши европското деби во два меча.

Да не биде Македонија во европските купови како српската „пала књига на два слова“, го чекаме Металург да се покаже во ново светло и да му проработи уште еднаш среќата од првиот шешир па да не налета на некој од оние „пострашните“ како Екс Прованс, Бенфика или Азоти Пулави.

Да не се правиме фраери, сите овие може да бидат „килери“ за нас! Иако не се оние најстрашните како Рајн Некар, Нант, Берлин, Магдебург, Шамбери…фала богу!

 


КОЛУМНАТА „СЕДМЕРЕЦ“ ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА АВТОРОТ И ИСТИТЕ НЕ ГИ ОДРАЗУВААТ МИСЛЕЊЕТО И СТАВОВИТЕ НА РЕДАКЦИЈАТА НА 24РАКОМЕТ.