СЕДМЕРЕЦ: Кога топката е на линија…

Вардар победува во последна четвртина

1. 3 од 3 со 2 во 1

Среќата ги прати храбрите… И шампионите. А, европскиот шампион и сезонава има перфектен старт со три победи во првите три натпревари во Лигата на шампионите. На сите три со малку повеќе драма, многу повеќе искуство и шампионски рејтинг и ептен многу среќа.

Само тим како Вардар може така „елегантно“ три пати по ред да си „игра“ во прво во негатива, да се врати во второ и за 15-на минути да заврши работа. И топката два пати да скока на линијата и да не биде гол, и сирената да биде побрза од шутот…Оти во оној драмтичен финиш вчера во Запорожје, Гедбан ја слушна сирената, ама не и топката што му „профуче“ низ уши од 15 метри, па малку недостасуваше да биде од готово вересија. Како и да е Вардар уште еднаш се врати и запиша уште една важна победа во ЛШ.

Во омилен жаргон за оние што бројат победи и голови – „3 од 3“ со “2 во 1“!

Оние што се колнат во црвено-црната боја велат, мани не барајте, оти пред шест-седум месеци не знаевме ни дали ќе постоиме, а сега имаме три од три во ЛШ со преполовен тим.

Оние што на работите гледаат ракометно од малку пореален агол, забележуваат дека Вардар три пати победува, но и три пати се вади „на мускули“. Од тоа два пати со противници од ранг на Порто и Мотор. Дека одбраната на Вардар не е веќе таа што беше, дека голманите се лабава алка и сезонава често им „свири сирената“ во ЛШ. Дека на надворешната линија фалат бекови, а на „внатрешната“ фали сигурност и прецизност. Дека клупата е тенка и несигурна…

Од друга страна, Вардар има три победи во ЛШ, лидерска позиција и неколку адути што се уште може да ја свртат партијата, од калибарот на Криштопанс, Чупиќ или Дибиров. Плус искуство, тимски дух, атмосфера на трибини и шампионски статус со сите привилегии.

И, среќа се разбира.

И таа ќе треба да остане во форма оти следен на распоред е моќниот Кил на мегдан во „Јане“. Шанса за реванш и вистински тест за среќата и за силата.

2.Работник за прва смена

Кога би се споиле двата македонски тима во ЛШ во едно, би имале перфектна слика – Работник игра добро во прво и Никола Митревски на голот е во многу подобро издание од Гедбан и Кугис заедно, но нема искуство и победи. Вардар пак нема игра во прво, ни голмани на ЛШ ниво, но нема „дупки“ во второ и сирената свири во вистински момент.

Во Еурофарм Работник, верувам, сè би дале да ги имаат среќата, искуството и победите на Вардар во елитното друштво. И конечно да излезат од „нула“. Три пати Работник е многу блиску, ама онака како што треба „работи“ само во „прва смена“. Во второ „троши“ и на крај е во минус.

Стевче Алушовски „побеле“ на клупата но, никако не успева да ја премости „црната дупка“ во која запаѓа македонскиот вицешампион во дебитантската сезона во ЛШ. Три пати по ред иста приказна. Три пати по ред „еден во два“. Контра оние „два во еден“ на вардарци.

И ако има нешто позитивно во три несреќни порази на битолчани во најелитното натпреварување, тоа сигурно е извонредната форма на македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски. Камо среќа да има што повеќе вакви кунг-фу изданија на македонските ракометари и клупски и репрезентативни во јануари во Виена.

ЕП не е далеку, а минутажите и настапите на македонските репрезентативци, стандардни и потенцијални, се уште на прсти ги броиме. Додека броиме среќни победи и несреќни порази во ЛШ, и минути на нашите по европските лиги, наближува октомвриската репрезентативна недела и сигурно веќе „чурат главите“ за континуитетот и за „математиките“ пред јануарското ЕП, со многу дилеми што ќе биде, како ќе биде, кој ќе игра ако ваму не игра… Во таква ситуација, секој блесок како одбраните на Митревски се „уф, фала богу“.

3. Далеку е Шведска, далеку е Чешка…блиску е Косово

Има и нема време до јануари ако се знае колку е важен настапот на македонските ракометари на претстојното ЕП 2020 и задржувањето на континуитетот на голема сцена. На тоа неделава убаво не потсетија двата порази на ракометарките во квалификациите за ЕП 2020 и долгогодишните маки на македонската женска репрезентација да излезе. По поразот во Шведска, помалку или повеќе очекуван и оној вториот од Чешка во Скопје, понеочекуван или попрецизно, со повеќе надеж дека нема да биде така катастрофално, уште едно европско станува тешко достижно за македонските ракометарки. И тоа уште на стартот од квалификацискиот циклус.

Се бараше време и трпение за женската репрезентација, на ретките победи им се радувавме како на титули и со години во секој гол бараме зрак на надеж. Но, како поминуваат циклусите, останува се тенчи и трпението и надежта, а и публиката на трибини. Состојбата во клубовите со ЖРК предзнак и слабата лига и неискуството веќе и не се главниот проблем и не може да бидат оправдување бидејќи во репрезентацијата сега има солидна интернационална база. Има и на моменти, многу посигурна игра, но не константно и не доволно за победи што ќе ја вратат македонската репрезентација на голема сцена. Дали максимум што можеше да се извлече од оваа генерација се оние неколку квалификациски победи и едни солидни Медитерански игри во изминативе три четири години? Има ли надеж и потенцијал за нешто повеќе или и понатаму македонскиот женски ракомет ќе брои само ситни чекори? Се само дел од прашања што излегуваат на површина од циклус во циклус.

Селекторот Симе Симовски веќе почна со подмладување и најави почеток на нов проект со креирање на тимот за ЕП 2022 на кое настапот ни е загарантиран благодарение на ко-домаќинството со Словенија и со Црна Гора.

Нешто слично како „проектот 2000“ за домашното кадетско СП летово за кое долго се зборуваше. Директен пласман и отворена шанса да се тргне напред кога „топката е на линија“. Дотогаш – трпение. После веќе нема.


КОЛУМНАТА „СЕДМЕРЕЦ“ ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА АВТОРОТ И ИСТИТЕ НЕ ГИ ОДРАЗУВААТ МИСЛЕЊЕТО И СТАВОВИТЕ НА РЕДАКЦИЈАТА НА 24РАКОМЕТ.