Русија патува на „светско“: Зборнаја ја покори сензацијата на ЕУРО2018

Во првиот реванш дуел од европските бараж натпревари за пласман на Светско првенство 2019 додина, чии домаќини се Германија и Данска, составот на Едвард Кокшаров ја совлада репрезентацијата на Чешка и обезбеди место на мундијалот кој ќе се одигра во јануари.

По првиот натпревар Чешка отпатува во Русија со минимална предност од 28-27, но и со надеж дека одличното издание од Европското првенство во Хрватска, може да го пренесе и на светскиот собир.

Сепак новиот руски погон предводен од спортскиот директор на Вардар Кокшаров овојпат без помошта на Давид Дејвис од клупата, а под менаџерската палка на сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, успешно ја помина шестата репрезентација од Европското првенство 2018 и со победа на домашен терен во Перм од 29-21 ја завери својата виза за Германија и Данска.

Реваншот во Перм бил неизвесен само во првите петнасет минути, за потоа Русите со низа погодоци да создадат комотна предност од 4 голови, а со тоа и да ја преземат контролата над играта и резултатот. По првото полувреме надежта за Чесите не била загубена бидејќи имале само три погодоци негатива (14-11), а во средина на вториот дел се доближиле и на „минус 2“. Сепак во самиот финиш, „зборнаја“ ги решила сите дилеми за конечни 29-21.

Рускиот напад го предводел Дмитри Житников со осум голови, Горбок постигнал пет, Шишкарев четири, Дибиров три и Кисељев два погодока за својата селекција. Кај Чесите најпрецизен бил Јурка со 7 постигнати погодоци, додека Бабак запишал 4 голови зад своето име.

Русија е петтата европска земја која визираше место на ракометниот мундијал, откако таму веќе се светските шампиони Франција, европскиот првак Шпанија, и домаќините Германија и Данска.