„Рударите“ се хит: Играат ракомет по женски ноти

Тимот на Рудар Пробиштип сезонава ќе биде дел од Првата лига на Македонија, па овој град по цели 26 години повторно ќе има машки ракометен тим. „Рударите“ имаат скромни амбиции во оваа сезона и раководството посакува што подобра игра и подобар пласман на табелата. Играчкиот кадар е составен само од локални ракометари, а се планира да бидат донесени и еден или двајца млади ракометари од некоја од екипите во Суперлигата на позајмица.

Она што е интересно е дека Рудар Пробиштип е предводен од 22-годишната поранешна ракометарка Солунка Цоци Митева, која има тренерска А лиценца и може да се пофали дека е првата жена која е предводник на машка сениорска екипа во Македонија. Таа во краткото интервју за 24Ракомет открива дали има авторитет над нејзините играчи, дали е потешко да се води машка или женска екипа, како и за реакциите на околината околу нејзиниот избор.

Зошто решивте да бидете тренер во машка екипа?

Тренер сум на Рудар по покана на другиот тренер, со Б лиценца, Киро Димитриевски, кој ми беше тренер мене во некогашниот женски тим од Пробиштип, Сап-Акумулатори. Тој клуб сега но постои, но јас ќе се обидам да ги реализирам моите амбиции преку машкиот клуб.

Дали ве прифатија како авторитет во екипата или сеуште постои проблем со тоа?

Сеуште има мали ситници околу авторитетот, бидејќи половина од играчите се постари од мене, но во иднина се надеваме дека ќе се смени тоа. Веќе го одигравме првиот натпревар во Првата Лига на гостински терен, а сега ќе го имаме и дебито на домашен терен во Пробиштип, па ќе видиме како ќе биде пред нашите сограѓани.

Како се справувате кога некој играч ќе ве изнервира?

Сега за сега смирено, за во иднина ќе видиме.

Која ви е целта како тренер? Која екипа би сакале да ја тренирате и зошто?

Посакувам да се направи екипа во младинските категории, и од тие млади играчи да успејат најмалку 5 во своите ракометни кариери. Моментално немам некоја желба да тренирам друга екипа, единствена цел во моментов ми е Рудар Пробиштип и настапите во Првата лига на Македонија.

Како реагира околината на вашиот избор за тренер на Рудар?

За околината допрва ќе видиме како ќе реагира, сега за сега реакциите се добри и позитивни.

Дали досега имате искуство како тренер, на машки и женски, и доколку имате со кои е полесно да се работи?

Ова ми е прво искуство како тренер, во било која категорија. Моето искуство како играч во женски ракометен клуб, и како тренер во машки клуб ми кажува дека полесно е да се работи со машки. Сепак со жени е покомплицирано да се работи поради нивната психологија.

Дали постојат стереотипи кои би сакале да ги урнете како тренер?

Секако дека да, постои стереотип дека мажите се подобри тренери од жените, би сакала со својата упорност да докажам дека и женски тренер може да биде успешен на чело на машки ракометен клуб.

Дали има таленти во источна Македонија за ракомет?

Таленти секако дека има во истокот. Конкретно кај нас, убедена сум дека имаме таленти кои за некоја година ќе бидат успешни во нашиот или во некој друг клуб во државата, па зошто да не и надвор од неа.