РК Аеродром- Нов бран на стариот македонски бренд

Горан Стојков и Дарко Петровски се двајцата „виновници“ што постои тимот на Аеродром, откако пред пет години ја започнаа оваа ракометна приказна. Тие се обидуваат да го вратат реномето на клубот кој во деведесетитите имаше успеси во женскиот ракомет. Овојпат РК Аеродром има поинаква задача-работа со младите, но е на добар пат да ги повтори успесите на тогашниот женски колектив Олимпик Аеродром. Иако во новиот формат постои релативно малку време, во овој тим тренирале или се уште тренираат кадетски и младински репрезентативци на Македонија. За новиот почеток, за пристапот во работата, за тренерскиот кадар, за работата со младинските катеогрии во нашата држава, разговаравме со Горан Стојков.

Раскажете ни повеќе се почетоците на РК Аеродром?

Стојков: Ракометниот клуб Аеродром започна со формирање и отварање на ракометни школи во 2012 година во населбата Аеродром и Ново Лисиче. Заедно со Дарко Петровски, понесени од љубовта кон ракометот започнавме со формирање на една група на деца,  но со текот на времето бројот на групите и школите се зголеми. Истата година пријавивме и започнавме да се натпреваруваме со сопствена екипа во државното првенство за пионери. Од 2012 година сме редовни учесници во натпреварувањата организирани од страна на Ракометната федерација на Македонија. Не знам дали ќе звучи скромно или нескромно, но сепак денес на официјалните списоци од Ракометната федерација на Македонија, се регистирани 11 репрезентативци во јуниорската и кадетска репрезентација кои доаѓаат или се тренирани од тренерите на Р.К. Аеродром.

Работите заедно со тренерот Дарко Петровски. На кој начин функсионирате како тренерско дуо?

Стојков: Видете, целата приказна наречена Р.К. Аеродром е составена од двајца луѓе: Горан Стојков и Дарко Петровски. Сите кои добро не познаваат знаат дека помеѓу нас нема поделба на функции, обврски и одговорности. На кратко: Функционираме перфектно и беспрекорно! Не сме исти по карактер, сосема сме различни, но според мене тоа е причината која не прави неразделни. Формулата за нашето успешното работење кај младинските категории во ракометот во изминативе 10 години е токму довербата која ја имаме помеѓу нас двајцата.

Од неодамна Тања Андреева е дел од вашиот клуб. Која е нејзината функција во РК Аеродром и што очекувате клубот да добие со нејзиното доаѓање?

Стојков: На сите ни е јасно која е Тања Андрејева и каков е нејзиниот придонес во македонскиот ракомет. Повеќето клубови и тренери во Македонија се свесни кој е нивниот бенефит да имаат тренер за голмани во тимот. Секој сериозен и професионален клуб кој сака да има напредок во екипата задолжително треба да има ангажирано тренер за голмани. Сите голмани вклучувајќи ги и оние во младинските категории, на кои им е потребно најголемо внимание за правилен и брз напредок и развој на голманската позиција, треба да имаат во клубовите посебен третман или доколку го немаат задолжително да посетуваат индивидуални тренинзи. Ние тренерите  мора да сфатиме дека не можеме да бидеме тренери и на играчи и на голмани и да бидеме доктори, физиотерапевти итн.

Вашата сопруга – Ана Стојков е поранешна ракометарка и оперативен менаџер на ЖРК Вардар. Какви совети/помош добивате од неа?

Стојков: Искрено да Ви кажам, огромен е придонесот од нејзиното искуство и обврските кои ги има во Вардар. Кога во една фамилија се сака и се живее за спортот, а посебно кога и двајцата се во истиот спорт,  многу полесно се доаѓа до разбирање и толеранција во рамките на службените обврски.

Пред овој ангажман бевте дел од академијата на Вардар и Металург. Колку се разликува пристапот на работа со пионерските категории во овие два клуба?

Стојков: Придонесот на Металург и на Вардар во работењето со младински категории игра главна улога во развојот на Македонскиот ракомет. Кога станува збор за деца и школи по ракомет, конкретно не забележувам посебна разлика во двата клуба, бидејќи според условите кои ги имаат повеќе од очигледно е дека несебично инвестираат. Сепак, би сакал да напоменам дека во Македонија постојат голем број на клубови и школи кои се трудат и работат со млади категории, а ги немаат условите и можностите кои ги нудат Вардар и Металург. Во последните неколку години се забележува дека и покрај големиот број на ракометни школи кои ги имаат, во нивните екипи настапуваат играчи кои се дојдени од други клубови (а не се дел од нивните академии) и се тренирани од други тренери. Исто така би сакал да напоменам дека голем број на поранешни успешни ракометари кои сега се во функција на тренери, вршат селектирања на играчи во младинските категории и по само две до три години истите тие тренери ги ослободуваат децата со изговор дека се неталентирани и дека не ги исполнуваат нивните норми. Тренерите треба да сносат морална одговорност и да ги преиспитаат нивните можеби застарени методи на тренажен процес. Според оваа забелешка,  мислам дека е потребно да се утврди еден единствен метод на тренажен процес кој ќе го почитуваат сите тренери кои работат со млади категории и кој ќе биде во интерес на градење на национална стручна стратегија кога станува збор за квалитетно работење во ракометот кај младинските категории.

Добивте покана за учество на ракометниот камп кој го организира Лазаров. Какви се вашите импресии од овој камп?

Стојков: Да, така е. Добивме покана од Кирил Лазаров да бидеме дел од стручниот тим кој оваа година работеше на неговиот камп. До сега во мојата тренерска кариера сум бил ангажиран на голем број ракометни кампови  во Македонија и во Србија, но според условите и организацијата можам да истакнам дека кампот на Кирил Лазаров е еден од најдобрите.

Колку сте задоволни од квалитетот кој во моментов го нуди пионерската лига?

Стојков: Од година во година, се повеќе се зголемува бројот на екипи учесници во оваа лига. Тоа е добар знак дека интересот е рапидно зголемен кај младите категории, а сето тоа е одраз на успехот на македонските клубови во европските купови. Сепак во пионерската лига се одигруваат многу малку првенствени натпревари во текот на целата сезона, што значи дека квалитетот на лигата не е на завидно ниво. Ако имате квантитет на играчи и екипи а немате квалитетно првенство со што поголем број на натпревари тогаш треба да се превземат мерки од страна на Ракометната федерацијата. Кој би направил идеално селектирана кадетска или јуниорска репрезентација кога во годината се играат само 10 првенствени натпревари? Ви велам од цела Македонија, а не само од скопските екипи.

Ваши очекувања во оваа сезона?

Стојков: Повторно би напоменал дека условите кои ги нудат Вардар и Металург ги прават доминантни во оваа лига. Но тоа не значи дека немаме амбиции за повисок пласман. Тренираме напорно, ќе дадеме се од себе и ќе докажеме дека со труд и напорна работа може да се остварат посакуваните цели.

[gallery_bank type=”images” format=”masonry” title=”false” desc=”false” responsive=”true” display=”all” sort_by=”random” special_effect=”grayscale” animation_effect=”bounce” album_title=”false” album_id=”199″]