Раул: На ЕП ќе навивам за неколку репрезентации…

Националните првенства ширум Европа одат на пауза за Божиќните празници со исклучок на Бундес лигата. Во Франција лидерот на табелата ПСЖ заминува на пауза во одлично расположение со оглед на тоа што се водечки на табелата со шест бода пред второпласираниот Нант.

За официјалната веб страна на ПСЖ тренерот Раул Гонзалес ги сумираше резултатите од првиот дел на сезоната во кој доживеа само еден пораз во ЛШ од Барселона.

„Барселона е еден од најдобрите клубови во светот со исклучителен учинок. Тие лесно ќе го освојат домашниот шампионат и ќе се посветат на Лигата на шампионите. Барселона е еден од фаворитите за пласман на годинешниот Ф4. Минатата сезона групната фаза ја завршивме на првото место, но не успеавме да се пласираме на завршниот турнир. Токму ова е нашата главна цел сезонава. Вистинската Лига на шампиони ќе започне со нокаут фазата. Во меѓувреме мора да бидеме задоволни од резултатите со оглед на тоа што имавме многу проблеми со повреди. Ќе се обидеме да стигнеме до второт место во групата и да се подготвиме најдобро што можеме за нокаут фазата“, коментираше тренерот на ПСЖ.

Откако ја напушти селекторската позиција на Македонија тој работи само во ПСЖ и на претстојното Европско првенство нема да учествува, но секако со нетрпение го очекува. Спомена дека ќе навива за неколку репрезентации, но не посочи кои се тие и дали меѓу нив е Македонија.

„Натпреварите од првенството ќе ги гледам со задоволство и ќе се фокусирам на игрите на клупските играчи од ПСЖ. Се надевам дека ќе бидам среќен заради нивните успеси. Изборот на мојот омилен тим за кој ќе навивам ќе биде тежок, постојат неколку репрезентации“, заврши Раул Гонзалес.