Раул: Верувам дека можеме до победа против Исланд

Шпанија, продолжува да биде ноќна мора за нашите ракометари на големите ракометни натпреварувања откако и вечерва славеше со убедливи 32-21. Едно добро полувреме не е доволно да се совлада актуелниот Европски шампион, а со тоа е согласен и македонскиот селектор Раул Гонзалес.

“Кога играш против репрезентации како Шпанија, Германија, Франција треба да играш добро шеесетина минути. Ние одигравме добро прво полувреме, но во последните пет секунди кога имавме ракометар повеќе примивме гол. Исто така на почетокот на второто полувреме кога имавме ракометар повеќе изгубивме три топки по ред и се беше готово. После тоа донесов одлука да ги одморам ракометарите бидејќи утре не чека важен меч”.

Гонзалес вели дека не било планирано да се игра само едно полувреме, туку самиот тек на натпреварот ги диктирал неговите следни потези.

“Не, не.. ние планиравме да играме на победа бидејќи никогаш не знаеш кога можеш да победиш. Мислам дека се потрудивме во првото полувреме, но се се промени во продолжение”.

За шансите на утрешниот дуел против Исланд, Раул вели:

” Мора да се подготвиме добро. Играме добро 7 на 6, но не смееме да имаме толкави проблеми во реализацијата, едноставно кога ќе имаме шанса мора да реализираме. Треба да го дадеме нашиот максимум утре, а доколку играме како во првиот дел со Шпанија верувам дека можеме до победа”- заврши Раул.