ПСЖ низ иглени уши во Лигата на шампионите следната година

Во следната сезона како претставници на Франција во Лигата на Шампионите ќе ги гледаме, шампионот Данкерк и тимот на второпласираниот ПСЖ Хандбол. Супер-тимот од Париз се пласираше во Лигата на Шампионите денес откако во последното коло убедливо ја совлада екипата на Сесон Севињ на домашен терен со 34-27, додека Монпеље загуби на гости од екипата на Шамбери, 33-30, во неизвесен натпревар кој го судеше најдобриот француски женски пар, сестрите Бонавентура. Со овој пораз Монпеље ја изгуби трката со парижаните за второто место кое води директно во Лигата на шампионите и ќе очекува влез во групата на екипи со вајлд-карта. Данкерк кој го освои првенството на Франција на три кола пред крај, ја заврши сезоната со победа над Трембле, 30-24.
Сепак останува отворено прашањето колку беше оправдана одлуката на француската ракометна федерација да го казни Монпеље со два бода помалку оваа сезона, токму онолку колку што му се потребни на крајот на сезоната да заврши на втората позиција во шампионатот на Франција.