Промени во женската ЛШ: Од следната сезона натпреварите само во два термини

После направените промени во машките клупски натпреварувања кои ќе стапат на сцена од 2020/21, веќе се направени исти промени и кај дамите за истата сезона. Речиси на идентичен начин дојде до менување на термините во кои ќе се играат средбите, но исто така е направена промена и во европските купови.

И претходно беше познато дека бројот на екипи во Лигата на шампионите ќе биде 16, а тука нема менување бидејќи и досега играа 16 екипи во групната фаза. Сепак, сега доаѓа до промени во начинот на кој ќе се доаѓа до учество, па јасно е дека загарантирано место ќе има за шампионите на земјите рангирани од 1. до 9. место (тука е и Македонија). Десеттиот учесник ќе биде тимот од земјата со најмногу титули во последните три години (Унгарија), додека другите шест места ќе бидат пополнети според одредени критериуми.

Во Европската ракометна лига ќе играат 24 екипи, но таму ќе има и квалификации така што ќе има три филтри до добивањето на учесниците во групната фаза.

Промените се во термините кои се точно прецизирани. Натпреварите во Лигата на шампионите ќе се играат од 14 и од 16 часот во саботите и неделите, додека средбите од Европската ракометна лига ќе бидат на програмата исто така за викенд, но во термините од 16 и од 18 часот.

Засега останува неизвесно колку ќе биде минималниот капацитет на салите во кои ќе може да се играат натпревари од Лигата на шампионите. Тоа ќе биде одредено на следниот состанок.