Победничка одјава на Еурофарм од ЛШ – во Битола падна некогашниот европски првак Бидасоа

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник вечерва ја заврши одисејата во Лигата на шампионите. Во Битола гостуваше шпанскиот тим Бидасоа Ирун, кој си замина со пораз од 25-23. На стартот на неважниот натпревар за двете екипи се играше гол за гол до 3-3, а потоа шпанскиот тим поведе со 3-5. Сери беше незадржлив за битолската одбрана и донесе на Бидасоа и плус четири 5-9 по петнаесетина минути игра.

Чаневски одбрани седмерец, а српскиот интернационалец Ѓукиќ погоди два пати по ред за 7-9. Голманот на „фармацевтите“ влезе во серија и битолскиот тим се доближи на минус еден, 10-11, но потоа имаше неколку избрзани шутеви и грешки.

Гостинскиот тим не пропушти шанса да казни за пропустите на Еурофарм и поведе со 10-15 на пет минути до паузата. Момците на Божидар Мојсов не мислеа да се предадат и по оваа негатива, па до крајот не му дозволија на шпанскиот тим да реализира, а тие погодија четири пати. На пауза беше 14-15 за Бидасоа, иако Еурофарм имаше напад и за реми.

Домаќините поведоа по пет минути игра во вториот дел со 18-17 и оттогаш тие го диктираа темпото. Имаа „фармацевтите“ 22-20 на десетина минути до крајот, како и напад за плус но не го искористија. Чаневски запре еден удар на гостите, но неговите соиграчи промашија во нападот. Во следната акција Бидасоа погоди и најави неизвесна завршница.

Нашиот тим повторно не реализираше, па казната стигна преку Руди за 22-22 на пет минути до крајот на натпреварот. Остроушко донесе 23-22 за Еурофарм, а гостите згрешија, но и битолчани се реваншираа во следната акција. Незапирливиот Руди пак погоди за 23-23 и мораше се одново. Остроушко зголеми на 24-23, резултат со кој се влезе во последната минута, а истиот играч ги постави конечните 25-23. За гостите немаше веќе време, па остана тој резултат.

Одлична партија за домашните имаше голманот Чаневски, а најдобри стрелци беа Остроушко со седум голови, како и Маркоски и Ѓукиќ кои дадоа по четири, додека кај Бидасоа, која оди во елиминациите пред осминафинале во ЛШ, се истакна Руди Сери со девет.

За Еурофарм Работник сега останува да се посвети на обврските во регионалната СЕХА лига и даги доигра натпреварите со Загреб, Веспрем и Спартак Москва, а на пролет ќе се фокусира и на домашниот шампионат.