Официјално: Сергеј Горбок во Вардар во сезоната 2014-2015!

Сергеј Горбок, левиот бек на рускиот национален тим и на германски Рајн Нехар Ловен и официјално ќе биде нов играч на РК Вардар во сезоната 2014-2015. Со неговото доаѓање се зголемува руската колонија во црвено-црното друштво каде веќе настапуваат Тимур Дибиров, Алексеј Растворцев и Михаил Чипурин.
Горбок е квалитетен класичен лев бек, претставник на руската ракометна школа кој осетно ќе ја засили левата бековска позиција во Вардар.
Роден е на 4 декември 1982 година во Минск, Белорусија и има настапувано за белоруската репрезентација, се до 2012 година кога го прифаќа руското државјанство и почнува да игра за руската репрезентација.
Ракометната карера ја започнува во својот роден град во екипата на Аркатрон Минск од каде преминува во тимот на Запорожје со кој двапати ја освојува титулата во Украинското првенство(2004 и 2005). Следен тим кој се интересира за неговите услуги е словенски Целје каде 2 пати го освојува националниот шампионат на Словенија (2006 и 2007) и еден словенски куп. По успешните настапи во Словенија, во 2007 потпишува за Рајн Нехар Ловен каде настапува до 2010 година по што се сели во руски Чеховски медведи каде во 2011 и 2012 освојува дупла круна. Во 2013 година повторно се враќа во Германија и потпишува за лавовите Рајн Нехар Ловен.