Официјално: Гонзало Перес Де Варгас на голот на Барселона! Штербик во Вардар?!

Клубскиот сајт на ФК Барселона и официјално излезе со информација дека клубот најде замена за Арпад Штербик на голманската позиција. Имено Штербик имаше постоечки договор со Барселона до сезоната 2016/17  но на заедничко задоволство на двете страни постигнат е договор за негово прекинување.  Негова замена ќе биде актуелниот голман на Феникс Тулуз, младиот Гонзало Перес Де Варгас кој во редовите на каталонците ќе настапува до сезоната 2016/17.

Гонзало Перес Де Варгас, повторно ќе застане на голот на Барселона откако претходно ги бранеше боите на Гранолерс (2011-2013) и Феникс Тулуз (2013/14). Младиот голман пристигна во Барселона во сезоната 2007/08, за својот прв официјален натпревар да го има во сезоната 2009/10.

Арпад Штербик пристигна во Барселона во сезоната 2012/13 и со каталонците освои многу титули меѓу кои се издвојуваат: две шампионски титули во Асобал лигата, еден титула во Copa del Rey, и едно клубско првенство.

Барселона му се заблагодари на Штербик за професионалниот однос во текот на двете сезони во кои ги бранеше боите на Барселона и му посака среќа и успех во иднина како на спортски така и на приватен план.

Дали со оваа информација шпекулациите за доаѓањето на еден од најдобрите светски голмани во редовите на Вардар станува реалност, останува да видиме во наредниве денови кога и се очекува официјална потврда за тоа каде ќе ја продолжи својата кариера.