Од Струга за Струга: Донирани 160 000 денари за Завод за нефрологија и Спортска медицина (ФОТО)

Оваа година меѓународниот струшки турнир имаше и хуманитарен карактер. Пет дена публиката во Струга можеше да ужива во врвен ракомет, но и да им помогне на своите сограѓани, бидејќи средставата од билетите за турнирот беа наменети за Центарот за дијализа во Струга и оделението за спортска медицина во здравствениот дом Струга.

Ракометните вљубеници за 50 денари имаа можност со купен билет да дадат симболична помош на оние сограѓани на кои им е најпотребна. Трибините на ракометното игралиште „Наумче Мојсовски“ беа исполнети сите пет турнирски ракометни денови во Струга, а по прогласување на победникот на турнирот, екипата на Целје, раководството на струшкиот турнир ги додели чековите од собраните средства.

На крајот на турнирот беа собрани 160 000 денари, половина од сумата ќе биде донирана за заводот за нефрологија во Струга, додека втората половина ќе биде доделена на оделот на Спортска медицина во Здравствениот дом Струга.