Ново име во Вардар: Бразилецот од Висла Плоцк пристигнува во Скопје!

Во таборот на Вардар станува максимално жешко бидејќи постојано се појавуваат нови ракометари кои се интересни и кои доаѓаат да го засилат актуелниот освојувач на Лигата на шампионите. Откако младиот Дмитри Кисељев го напушти клубот беше потребен нов играч кој ќе дојде во Вардар како засилување на десен бек, а изборот падна на 25-годишниот Бразилец Хозе Толедо. Тој ќе ја зацврсти одбраната и ќе конкурира за главниот дефанзивец на клубот.

Пред неполни три месеци Висла Плоцк официјално објави дека потпишала договор со Толедо на уште една сезона, но според информациите на 24Ракомет, Бразилецот е веќе сигурно во Скопје наредната сезона. Играчот кој во последните четири години беше дел од Висла Плоцк си заминува од Полска и тој ќе биде ракометарот што во следната сезона ќе ја дели минутажата со Даинис Криштопанс. Се работи за играч кој веќе има солидно искуство зад себе во Европа и кој нема да има проблеми за адаптација. Минатата сезона во Лигата на шампионите за својот тим постигна 41 погодок.

Пред Висла играше една сезона и во Шпанија во тимот на Грањолерс, нема да има проблеми и со шпанскиот систем на игра кој го негува Вардар во последните години што значи дека ќе биде засилување кое ќе може да помогне и во нападот и во одбраната. Особено ќе донесе плус во дефанзивата бидејќи се работи за играч висок 193 сантиметри, кој е специјалист за играта во одбрана, што ќе биде секако можност за уште поцврста игра пред голот.

Толедо е ракометар кој е во сениорската репрезентација на Бразил од 2015 година. Во 2016 година играше на Олимписките игри во Рио де Жанеиро, а има злато од 2016 и сребро од 2018 година од Пан Американските игри.