Нови актерки, но ист филм се гледа во ЧСМ Букурешт

Поминаа само пет кола во романскиот шампионат, а ракометарките на ЧСМ Букурешт се чини дека веќе може да се збогуваат со титулата. Уште една промашена сезона за големиот проект во Романија, откако по поразот од Залау во првото коло, избраничките на Томас Риде загубија и од бранителот на титулата од минатата сезона, тимот на Валчеа со 20-19.

Иако гостинките од престолнината водеа со 9-10 на полувреме, сепак на крајот Валчеа имаше висока предност со 19-16. Мартин, Кликовац и Пинтеа донесоа израмнување на 19-19, но во последните секунди Да Силва го постигна победничкиот гол за Валчеа и ги натера ракометарките на ЧСМ Букурешт да си заминат со наведнати глави.

Ниту Неагу, ниту Лекиќ, ниту Пинтеа не можеа да помогнат да се избегне поразот, а кај Валчеа пет голови постигна некогашната ракометарка на Металург, Кристина Лишчевиќ, додека по четири постигнаа Лопез и Глибко.