Некогашниот вардарец заминува во легендите, ја игра послендата сезона во кариерата!

Последниот активен ракометар од хрватската репрезентација што беше златна на Олимписките игри во 2004 година е левиот бек Блаженко Лацковиќ. Но и тој на крајот на оваа сезона ќе замине во легендите и ќе ја заврши богатата кариера во дресот на второлигашот Хамбург.

„Не чека натпревар со Ферндорф, кој ќе го играме пред најмалку 10.000 навивачи во „Барклејкард Арена“. Се надевам дека Хамбург догодина ќе игра во Бундес лигата, но јас со сигурност нема. Се простувам од активно играње ракомет. Всушност, јас и сега сум како помошник тренер, иако и понатаму тренирам, а од време на време и играм. Но оваа сезона е сигурно последна. Останувам во ракометот, тоа е сигурно, ме интересира тренерскиот занает. Потполно е разчично чувството од она кога си играч, но мене ме интересира. Тоа ми е желба и сега одам во таа насока да станам тренер, но не е исклучено да бидам и спортски директор“, изјави Лацковиќ за хрватските медиуми.

Левиот бек помина две сезони во Вардар и остави одличен впечаток, а претходно беше член на хрватските Вартекс и Загреб, а еден од малкуте ракометари што го носел дресот на трите германски великани – Кил, Фленсбург и Хамбург. За хрватската репрезентацијата одигра 195 меча и постигна 571 погодок, а освои светско злато на СП во 2003 и олимписко во 2004 година.