На повидок екстра засилување за „фармацевтите“: Ловро Јотиќ пред потпис со Еурофарм Работник!

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник во следниот период би можел да добие квалитетно засилување во борбата за што подобро претставување на меѓународна сцена во регионалната СЕХА лига и во Лигата на шампионите.

Откако тимот остана без главните шутери од минатата сезона, Владислав Остроушко и Филип Кузмановски, јасно беше дека мора „фармацевтите“ да се активираат на трансфер пазарот и да побараат квалитетни засилувања во бековската линија.

Блиску до договор со македонскиот тим е хрватскиот среден бек Ловро Јотиќ, кој минатата сезона не се изнаигра во Загреб. Плејмејкерот, кој беше дел од списокот на Червар на Мундијалот во јануари, би можел лесно да се пресели во Битола и да биде голем плус во ростерот на Стевче Алушовски.

Станува збор за 24-годишен среден бек, кој може да покрие и на левата бековска позиција. Потекнува од Умаг, играше и за Замет, Дубрава, а помина една сезона и како интернационалец во данскиот Алборг.

Досега Еурофарм Работник се засили со македонските репрезентативци Митревски, Маџовски и Велковски, плус Словенецот Ратајец и Босанецот Вегар.