НАЈ НАЈ НАЈ… Настан на годината: Ф4 во Келн и втората круна за Вардар

Ракометарите на Вардар се надминаа во 2019 година и по вторпат се искачија на највисокото место на пиедесталот. Ф4 турнирот во Келн е настанот и на оваа година, а на ова се придодава и титулата што го прави овој момент уште повеличенствен за историјата на македонскиот ракомет.

Што направи Вардар за македонскиот ракомет веќе и не треба да се потсетува и посебно да се опишува бидејќи е потполно јасно и тоа го знаат сите вљубеници во овој спорт. Победите против Барселона и Веспрем тимови кои дојдоа со амбиции исто така да го освојат тронот и беа одлично покриени на секоја позиција само е доказ колку добро се работеше во завршницата од сезоната и дека иако сите ги имаа отпишано шампионите од 2017 година тие покажаа како се игра кога се сакаат боите на клубот.

На завршниот турнир Вардар прво го совлада тимот на Барселона со 29:27 после голем пресврт во второто полувреме откако на крајот од првиот дел резултатот беше 9:16. Импресивните 30 минути во вториот дел од средбата го вивнаа Вардар во финалето, а таму веќе беше една сосема друга приказна.

Инспирирани максимално ракометарите знаеја како да го срушат Веспрем и да го совладаат со 27:24. На крајот покрај титулата МПВ на завршниот турнир беше Игор Карачиќ, кој имаше несекојдневен момент да го крене пехарот бидејќи си замина од клубот после финалето.

Претходно во тимот на сезоната место обезбедија дури четворица ракометари: Дејан Милосвљев, Иван Чупиќ, Даинис Кристопанс и Тимур Дибиров. Покрај тоа Роберто Гарсија Парондо беше прогласен и за тренер на сезоната.

Секако целиот настан финишираше на плоштадот во Скопје каде што ракометарите имаа уште еден величенствен дочек.