Наумче Мојсовски: Сакаме следниот турнир да се гледа и од нова трибина (ВИДЕО)

Главниот виновник за одличната организација на 46. издание на Струшкиот турнир, Наумче Мојсовски после завршување на сите натпревари можеше слободно да се пофали дека успеале да го направат она за кое работеле во минатите неколку месеци.

Во минатите пет дена беа видени вкупно 16 средби од турнирот и уште еден натпревар во Супер купот на Македонија. Стружани можеа да уживаат во сите денови бидејќи секој натпревар беше убав на свој начин.

„Сега после финалето можам со задоволство да кажам дека завршивме одлична работа и направивме добар турнир. Слушаме пофалби од сите тренери и играчи како за организацијата, така и за новата подлога и за сето она што го правевме во минатите денови. Задоволен сум од сè и ќе се бориме следната година да направиме уште подобар турнир кој ќе има и награден фонд, па покрај пехарите ќе има и парични награди за најдобрите екипи“, изјави Мојсовски за 24 Ракомет.

За следната година уште сега се најавуваат и промени за уште помасовна посетеност на средбите.

„Сакаме и старата трибина да го добие ликот на новата и веќе сме во разговори. Се надевам дека ќе успееме да го стигнеме ова за следната сезона, а воедно и да имаме покрив за да имаме заштита од евентуален дожд. Душата на турнирот е на отворено и така и ќе остане“, изјави Мојсовски за 24 Ракомет.

Комплетната изјава на Мојсовски за 24 Ракомет можете да ја проследите во видеото во продолжение.