Натурализацијата пак во мода: Хрват и Србин ќе играат за Унгарија на ЕП!

Сигурно повозрасните љубители на ракометот се сеќаваат на имињата на Ненад Пуљезевиќ, Никола Еклемовиќ, Иво Диаз, Карлос Перез…кои беа дел од националниот тим на Унгарија. Во поново време тоа се Валентин Мелничук, Лев Сухарев, Зоран Илиќ, Урош Борзаш, кои играат во младинските селекции на оваа земја, тука се и браќата Сунајко, а трендот продолжува и во сениорската репрезентација.

Некогаш еден од најдобрите стрелци во српската Суперлига во дресот на Југовиќ од Каќ, Марко Васиќ, сега член на унгарскиот Чурго се најде на списокот на селекторот Иштван Гулјаш пред настапот на Европското првенство. Васиќ игра на позицијата десно крило.

Покрај Србинот, деби за унгарската сениорска репрезентација би можел да има и Хрватот Сречко Јерковиќ. Некогашниот член на Метковиќ, Сплит, Умаг и Пореч, а сегашен играч на унгарскиот Комло, беше дел од младинските селекции на Хрватска и настапуваше со голем успех, но не доби шанса кај сениорите.

Унгарија ќе игра во групата E во Малме, заедно со Данска, Исланд и Русија.