Мијатовиќ: Металург ги има сите услови за напредок на младите ракометари!

Еден од чуварите на мрежата на Металург оваа сезона е Предраг Мијатовиќ. Младиот српски голман дојде во Автокоманда минатата сезона и уште тогаш почна да ги покажува своите квалитети. Најпрво беше дел од Металург 2, а сега е дел од првиот тим заедно со Даниел Дупјачанец и Даниел Ѓорѓески. Пред да се пресели во Скопје, заедно има настапувано со сегашните соиграчи Додиќ и Младеновиќ.

„Почнав да тренирам кога имав 10 години. Мојот прв клуб беше Јастребац од Блаце во Србија, додека мој прв тренер беше Младен Павловиќ, од кој многу научив. Во овој клуб бев до кадетска возраст, па преминав во Партизан. Големо значење во мојот развој имаат камповите „Растеме“ од Нови Сад, како и ракометниот камп на Ратко Николиќ и клубот Метеор Лесковац, со кој имав прилика да тренирам и да играм меѓународни турнири со најдобрите млади играчи од регионот. Меѓу тие играчи беа и сегашните мои соиграчи Стефан и Лазар Додиќ, Михајло Младеновиќ, со кои освојувавме многу турнири во силна конкуренција ширум Европа во пионерска и кадетска конкуренција“, вели Мијатовиќ.

Мијатовиќ во Автокоманда се пресели како млад и перспективен чувар на мрежата на Партизан, тим низ кој поминале многу сегашни ѕвезди на српскиот ракомет. Тој е среќен што има можност да учи и напредува во расадник на таленти каков што е Металург, и вели дека тоа е вистинскиот тим за негов напредок во кариерата.

„Металург е голем клуб со богата традиција и успеси во европски рамки. Кога ме контактираа од Металург ми беше драго што таков клуб се заинтересирал за мене. Одлуката за преселба во Автокоманда не беше лесна. Секако, ја донесоа моите родители и мојот менаџер Братислав Илиќ, бидејќи во тој момент имав само 16 години. Имав понуди и од други клубови, но во донесувањето на одлуката примарни беа условите за мојот иден напредок, а Металург е најдобра опција за тоа. Најголемо влијание на одлуката имаше сопственикот Минчо Јорданов, како и целото раководство на тимот. Металург е клуб организиран на високо ниво, ги има сите елементи за непречен развој на младите играчи, а тоа беше пресудно. Од почетокот тренирам со првиот тим и имам прилика да научам доста од сите соиграчи, кои ме примија од првиот дел на феноменален начин. Многу ми значеше поддршката што ја имам од соиграчите и од тогашниот тренер Данило Брестовац, како и од тренерот на голманите, Петар Мисовски, од кој многу научив. Морам да го пофалам и сегашниот тренер Зоран Кастратовиќ, кој има праведен однос кон сите играчи. Со Мисовски од првиот ден работам на унапредување на техниката и подобрување на бранењето. Драго ми е што можам да кажам дека сум еден од претставниците на неговата школа заедно со репрезентативецот Мартин Томовски, за кој можам да кажам дека ми е пример, голман со кој имав среќа да тренирам и играм“, вели Мијатовиќ.

Србинот има идол – а тоа е данскиот репрезентативец Никлас Ландин.

„Никлас Ландин е некој чиј стил на бранење ми е најблизок и некој што сакам да го стигнам по остварените резултати. Во клубот имам се што е потребно за напредок, добри тренери, силни тренинзи, одлични соиграчи и практично се зависи од мене колку ќе бидам добар“, продолжи Мијатовиќ.

Србинот е задоволен од сите услови што ги има во Металург и вели дека се навикнал на начинот на живот во Скопје.

„Доаѓањето во Скопје беше голема промена и на почетокот не беше лесно, иако веќе имав искуство на самостоен живот. Да ги оставиш пријателите, семејството, училиштето и да се навикнеш на режим на живот на професионален спортист е тешко. Потребни се многу откажувања и многу работа за да се унапреди и одржи на ниво потребно за да бидеш во игра за состав со многу постари и поискусни играчи. Скопје е голем и убав град, има практично се што е потребно за убав живот. Живеам во Автокоманда и со оглед на тоа што имаме по два тренинга дневно, малку време имам за други работи, но сепак животот овде ми е добар во секој поглед. Овде луѓето се опуштени и целата атмосфера е таква. Се дружам најмногу со со играчите од клубот. Во светот на професионализмот, кој знае да биде суров, мораш да бидеш подготвен да ја искористиш приликата кога ќе ти се укаже. Имав среќа да ја користам секоја прилика што ми беше укажана досега и да ги оправдам очекувањата на тренерот. Тоа секако дека уште поголем мотив за млад играч каков што сум јас, да тренирам уште повеќе. Иако сум многу млад, цврсто стојам на земја, свесен сум за приликата што ја добив во овој голем клуб и имам голема желба да покажам дека ја заслужувам довербата“, заврши Мијатовиќ.