Мартин Серафимов ветува убав турнир: На секој меч ќе дадеме максимум и ќе одиме на победа

Пред ракометна Македонија е нов предизвик. На потег се членовите на селекцијата до 18 години пред кои претстојат неколку години играње на големи натпреварувања. Во Грузија ќе се обидат да го повторат успехот од скопскиот шампионат на нивните постари колеги. Еден од најквалитетните поединци во кадетскиот состав секако е Мартин Серафимов. Десниот бек на Металург пред почетокот на кадетскиот шампионат со свое размислување за 24Ракомет…

Првиот меч кадетите ќе го имаат во петок (9.8.2018) со почеток од 13 часот кога противник ќе им биде селекцијата на Литванија, а ова ќе биде ЕХФ-шампионат на кој се очекуваат добри резултати и најава за одлично лето следната година кога во Скопје се одржува Светското првенство.

Македонија во своите редови има момци кои минатата година играа во Супер лигата. Сите тие покажаа дека имаат квалитет за оваа репрезентација, но ќе мора да се одработи добро на целиот шампионат што ќе биде максимално напорно.

„Речиси пола од ракометарите кои ќе патуваме за Грузија бевме дел од подготовките на младинската селекција која го освои првото место во Скопје на ЕХФ-шампионатот. Тоа е искуство од непроценлива вредност за нас. Видовме што значи да се биде на подготовки за големо натпреварување и видовме како треба да се пристапи кога се игра за дресот со државниот грб. Дел игравме и пред две години во Бугарија, но ова беше она главното на кое видовме дека можеме. Тие подготовки ни беа голем плус и сега ни беше полесно“, вели капитенот на кадетската селекција, Мартин Серафимов.

Мартин Серафимов на подготовките со младинската репрезентација, јули 2018

Во оваа генерација се очекува максимален придонес од сите играчи. Со оглед на тоа што Серафимов минатата година дебитираше и во Лигата на шампионите се очекува тој да биде оној што ќе поведе на теренот, но очекувањата се да има опасност за противниците од секоја позиција.

„На последниот шампионат во Скопје видовме дека мораме да бидеме тим за да успееме. Меѓу нас во генерацијата 2000 владее одлична атмосфера. Другарството е исто така големо како и во претходната генерација и тоа ќе ни помогне на теренот. Очекувам сите на теренот да го дадеме максимумот. Подготвени сме за она што ни претстои и секако ќе треба секој од нас секоја шанса да ја искористи максимално“.

Што се однесува до противниците нема многу информации за ракометарите против кои ќе се одмеруваат силите.

„Многу беше полесно за подготовките за ЕХФ-шампионатот во Скопје. Имавме податоци за повеќето селекции со кои игравме. За оваа генерација и ривалите немаме толку информации и ќе мораме на лице место да видиме со каков квалитет располагаат сите селекции кои се во нашата група. Знаеме дека Фарските острови, Швајцарија, Литванија и Естонија играа во Скопје. Против првите две игравме, а другите две играа во другата група. Сепак, ова е поинакво натпреварување и ќе мора да одиме чекор по чекор кон остварувањето на целта“.

 

Мартин Серафимов на младинскиот ЕХФ шампионат во Скопје, јули 2018

Во мислите на овие момци е победата. Очекуваат да одиграат најдобро што може и да приредат нов успех.

„Свесни сме за она што не очекува. Секако ќе биде тешко. Овој пат играме на туѓ терен, но имавме многу турнири за да се подготвиме за овој настан. Можеби на турнирите не го покажавме максимумот и најдоброто, но сите тие натпревари ги искористивме за да го добиеме ликот на овој тим за шампионатот во Грузија. Тука ќе го дадеме максимумот. Не можам да ветам прво место, но можам и во мое име и во име на сите ракометари од оваа генерација дека ќе се бориме максимално со сите сили. На секој натпревар ќе одиме до крај, максимално борбено и на победа. Ќе дадеме сè од себе за да успееме да бидеме најдобри кога е најпотребно“.

На овој турнир ќе треба да се борат и за влез на Европското првенство за две години за генерацијата 2002.

„Точно е тоа дека на овој турнир сме во битка за влез во А-дивизијата за следната генерација, но нашите мисли се насочени и кон тоа ние да се претставиме во одлично светло. На овој шампионат нема да играме само за генерацијата која ќе не наследи во кадетска конкуренција туку и за нас. Наше е да дадеме максимум и да покажеме дека оваа генерација може многу бидејќи тука тргнуваме. Нас ни се поклопија коцките и можеме да врземе неколку големи натпреварувања. Следната година ќе играме на Мундијалот во Скопје, потоа ќе имаме Европско првенство во младинска конкуренција, а доколку успееме и на Мундијалот во 2021 година како младинци. Ова е голем предизвик. Во нашите мисли сега е да се претставиме добро во Грузија, а секако сакаме следното лето да завршиме со медал на Светското првенство на домашен терен“, вели Серафимов за 24 Ракомет.

Младите ракометари веќе утре го имаат првиот предизвик во Тбилиси. Од 13 часот ќе ги одмерат силите со селекцијата на Литванија и тоа ќе биде првата шанса за добро претставување. Од тој меч ќе зависи како ќе тече првенството понатаму, а сите очекувања се ракометарите да одиграат максимално и да дојдат до првите бодови.