Македонските судии едногласни: Младите не добија вистинска шанса, играме демоде ракомет!

Тие се единствените претставници од Македонија на завршницата на СП во ракомет во Франција. Заедно со делегатот Драган Начевски, најдобрите македонски судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов се дел од избраните службени лица кои ќе бидат задолжени за почитување на правилата во финалниот мундијалски викенд во Париз, Франција. Голема чест за искусните судии, кои зад себе веќе имаат запишано успешни настапи на Светските и Европските првенства, Олимписките Игри, како и на Ф4 турнирот од најсилното клупско натпреварување, Лигата на шампионите.

Мундијалот понуди интересни натпревари, неочекувани резултати и неколку изненадувања. Виновници за елиминациите и новиот изглед на светскиот ракомет е промената на генерациите и стилот на игра.

НАЧЕВСКИ: Можеме да кажеме дека како на ЕП во Полска, така и на СП во Франција имаме голем број изненадувања. Сето тоа се должи на подмладувањето на репрезентациите, а автоматски тоа доведе до модернизација на ракометот и забрзување на играта, како и умртвување на условно речено „старите“ репрезентации, т.е. нашиот демоде стил на игра со позиционен напад. Норвешка и Шведска се откровение на ова СП, млади репрезентации кои играат брз атомски ракомет, постигнуваат многу голови, тие се иднината.

НИКОЛОВ: Се сложувам со мојот колега, оние стари репрезентации не функционираат, сите се подмладени, се покажа тоа и во примерот со Франција каде половина и повеќе се нови играчи. Младоста носи успех.

Токму младата сила на Норвешка е едно од најпријатните изненадувања на турнирот. Во Полска дојдоа до полуфиналето на ЕП, а во Франција ќе играат во финалето на СП.

НАЧЕВСКИ: Норвешка го потврдува континуитетот, беше изненадување во Полска, но сега веќе не е. Се докажа тој континуитет на работа, па затоа стигнаа до финалето. Негативни изненадувања беа Данска и Германија, олимпискиот и европскиот првак. Нивна грешка беше тоа што влегоа некако опуштено, влегоа со потценување и веќе со мислите беа во полуфинале, а тука се игра нокаут систем и нема место за поправен.

НИКОЛОВ: Пак се повтори она дека на стара слава не можеш да направиш успех. Мора да има борба до крај. Тоа се покажа и на ова СП. Данска и Германија играа на стара слава. Ако за Франција се знаеше дека ќе оди до финале, за Норвешка се виде уште на ЕП дека ќе направат нови успеси бидејќи играат многу добар ракомет.

Легендарниот шпански селектор Хуан де Диос Роман даде едноставно објаснување за изненадувањата на овој турнир. После Олимпијада европските ракометари кои играат во силни лиги доаѓаат потрошени на СП.

НАЧЕВСКИ: Не се сложувам комплетно со фактот дека после Олимписките Игри на СП се можни изненадувања кај силните репрезентации, затоа што имаат уморни играчи или немаат можност за одмор. Хрватска и Словенија за мене не се изненадувања, ја имаме ние СЕХА Лигата. Бундеслигата на хартија е подобра, но во пракса не се покажува дека е најсилна на светот, додека кај нас има силни натпревари, па младите играчи низ СЕХА созреваат многу побрзо отколку што би созреале. Словенија отсекогаш многу добро работи со млади играчи и тоа дојде до израз преку работата на Вујовиќ, а за Хрватска мислам дека нема што да се дискутира. Србите во последно време затајуваат, не знам поради што, не е дека немаат играчи. Ние имаме многу добри млади ракометари, деца кои ја сакаат својата земја, го покажаа тоа со пласманот на СП во Алжир и допрва треба да го очекуваме најдоброто од нив. За жал селекторот Червар не им даде доволно шанса на ова СП.

НИКОЛОВ: Во нашата репрезентација се земаат младите, но немаа поголем учинок. За мене беше чудно што Талески играше на десен бек, за на неговата позиција да игра Арнаудовски, да има по две-три минути простор, тоа беше недозволиво. Тој беше тука да ги покаже своите квалитети. Се виде дека целата игра беше наменета за Кире Лазаров, тој постигна толку многу голови, па еве никој не може да го надмине. Затоа затаија и нашите крила со многу слаба реализација. Стоилов играше, но еден играч не може да направи разлика. За разлика од нас, Хрватска е учесник во сите завршни натпревари. Словенија исто така играше во завршниците, имаат брзи, млади играчи и со Вујовиќ на клупата покажаа дека можат во самата завршница.

Македонија го заврши својот настап во осминафиналето. Победите над Ангола и Тунис и нерешениот резултат против Исланд, беа доволни за 15та позиција во генералниот пласман. Но, осминафиналниот противник Норвешка сега ќе го гледаме во финале. Дали ова е некој пад во нашиот пласман?

НАЧЕВСКИ: Јас споменав претходно кои се нашите очекувања пред да дојдеме овде, дека секој пласман во осминафиналето ќе биде успех. Исто како во Катар, не ја поминавме оваа фаза, меѓутоа тука одлучија повеќе фактори. Играше еден Дрогришки, кој не игра ниту во клубот, а тука го ставаме да биде еден од главните играчи. Но, позитивна работа е тоа што од оваа репрезентација ќе видиме добри игри на ЕП, тука стекнавме некое искуство, а таму треба да го примениме тоа во пракса, имаме добри играчи добри деца, само треба да им се даде шанса.

НИКОЛОВ: Од изјавите пред ова првенство, мислевме дека ќе изненадиме некој со нашата игра со подмладената екипа и со некој новитет. Наместо да играме некој брз ракомет, ние игравме уште поголемо демоде. Игравме „седум на шест“ цело време што се покажа како погубно за нас. Со тоа покажавме дека не можеме гол да постигнеме кога играме шест на шест и затоа ни треба уште еден играч за да дадеме гол. Јас не се сложувам со тоа постојано да се игра така, бидејќи ние примивме многу голови од такви неуспешни напади. Се виде дека никој друг не ја практикуваше таа игра освен нас и мислам дека тоа е фантазија во ракометот и дека тоа нема долго да трае. Можеби тоа функционираше само против Тунис, поради нивната бавна игра, па затоа и успеа.

На младите не им беше дадена вистинска шанса?

НАЧЕВСКИ: Ние изгинавме со Шпанија, но кога видовме дека не можевме да парираме во вториот дел, требаше да се штедат клучните играчи и да им се даде шанса на младите играчи, па со Исланд немаше кој да игра, а ние што извлековме? Двајца повредени клучни играчи пред осминафиналниот дуел. Требаше да се штедиме против Шпанија, а со Исланд да го дадеме максимумот.

НИКОЛОВ: Пак ќе продолжам со критики. Ги гледавме сите натпревари, гледавме кои ни се грешките, сите тајм-аути на нашата репрезентација, на кои освен празни зборови, не беше ништо споменато околу тактичка промена во напад, едноставно немаше никакви совети од нашиот стручен штаб.

По организацијата, судењето на Светските првенства прераснува во табу тема. Неискусните арбитри од останатите континенти делуваат импресионирано и збунето, што остава лош впечаток кај репрезентациите кои се на терен.

НАЧЕВСКИ: Неблагодарно е малку да зборуваме за колегите, меѓутоа во глобала и кај судиите има големо подмладување, од поискусните сме останати четири-пет двојки за завршните натпревари. Лошото е што јас не сум поборник за толку млади судии да дојдат директно на вакви големи натпревари, туку се треба да оди по одреден тек. Ние сме суделе многу години за да дојдеме да го судиме ова, значи имаме судено многу тешки натпревари пред да дојдеме овде. Сега овие млади парови треба многу да учат. Има некои парови, кои со едно првенство, судат на вакви големи натпреварувања и изместени се сите правила во номинирањето. Која е мотивацијата за понатаму, ако на 21 година веќе си стигнал до ЕП, СП или Олимписките Игри.

НИКОЛОВ: На овие светски настани, не е битен квалитетот, туку од кој континент доаѓаш, мора да има застапеност од сите континенти. За жал таму го нема тој квалитет како во Европа, сега се испостави дека на крајот останавме само европски парови, и пак се установи дека останатите немаат доволно квалитет за вакви светски настани. Доаѓаат како многу млади, без вистинско искуство. Може да изгориш на едно СП и да те снема засекогаш. Тука има некои верувања, ако си од некоја соседна земја на земјата која игра не смееш да судиш. Не е тоа начинот на кој треба да се одредуваат судиите, туку според квалитетот, наместо кој од каде е.

Во очекување на делегирањето за последниот мундијалски натпревар еден од најуспешните судиски парови во светот се согласува во една работа, домаќинот Франција има најголеми шанси да ја одбрани титулата на овој шампионат.

Од Париз,
Агрон Хајредин