Кузмановски со ултиматум: Ако нема плата си одам од Металург

Финансиската криза во Металург се уште не е надмината и може да донесе и капитенот Филип Кузмановски да си замине деновиве од клубот. Репрезентативецот на Македонија утре треба да има состанок со сопственикот на клубот Минчо Јорданов и да се договорат под кои услови играчот може да замине од Автокоманда. Според непотврдени информации клубот му должи на Кузмановски четири плати.

Според пропозициите на РФМ и ЕХФ, ако играчот има три неисплатени плати може да побара раскин на договор. Тогаш би се одело на Арбитража, и можно е играчот да добие раскин и да биде слободен.

Уште во текот на подготовките на клубот Кузмановски повеќепати барал да му бидат исплатени заостанатите плати. Се заканил дека нема да игра на турнирот во Струга, па дури и на првиот меч во СЕХА Газпром лигата против Вардар. Но, сепак решил да не биде толку радикален. Сега веќе неговите барања се сериозни и изјавил дека нема да отстапи.

Најавениот состанок со управата бил првично најавен за денеска, но истиот бил одложен за утре. Барањата на Кузмановски се исплата на платите, или да добие спогодбен раскин на договорот. Опција за Кузмановски е заминување во странство. Тој ионака има потпишано договор со бундеслигашот Магдебург каде ќе замине следното лето.

Германците сакаа уште летово да го донесат, но се` запна околу обештетувањето. Магдебург бил подготвен да плати извесна сума, а Металург барал неколкукратно повеќе. Ако сега не го продадат или се договорат околу платите тој секако в година заминува како слободен играч.

Проблематично за Металург е што неколку бивши играчи се’ уште водат судски спорови или веќе имаа добиено пресуда во нивна корист, па клубот мора да им исплати суми што во вкупен износ се со шест цифри.

Металург на првот меч од сезоната во СЕХА лигата загуби од Вардар со 28-34, но покажа дека може да се носи со македонскиот првак. Само двајца интернационалци во екипата, а за двајца се уште не се завршени процедурите околу регистрацијата. Аргер Ќерими си замина, откако неколку денови беше во тимот, и замина во Загреб кај Лино Червар.