Кугис: Одбив двојно поголема плата за да дојдам во Вардар!

Летонскиот репрезентативен чувар на мрежата Артурс Кугис во текот на летото се пресели во европскиот шампион Вардар. Заедно со Калифа Гедбан најчесто добиваа шанса во Лигата на шампионите, но не ги оправдаа очекувањата на навивачите.

Кугис во паузата меѓу двете полусезони го чека настап на Европското првенство со Летонија, па затоа е актуелен и во медиумите во неговата земја. Тој откри дека имал двојно поголема финансиска понуда 0д таа на Вардар, но не му биле пресудни парите, туку заедничкото играње со Даинис Кристопанс.

„Не можам да откријам колку заработувам во Вардар, но се откажав од дупло поголема понуда само за да играм за европскиот шампион заедно со Даинис Кристопанс. Немам 35 години за да ми биде важно колку заработувам. Од ракометот не можеш да направиш милиони. Ако имав 35 години, ќе размислував поинаку, но сега не губам ништо, а добивам искуство кое може многу да ми послужи. Шанси како оваа се добиваат само еднаш во животот“, вели Кугис.

Голманот на Вардар ќе настапи на ЕП со Летонија во групата Ц во норвешкиот Трондхајм заедно со Шпанија, Германија и Холандија.