Креаторот на ракометната ренесанса во Бразил, Жорди Рибера: Ве чекаме во Рио!

Случајно или не, во Полска се сретнавме со едно познато лице во ракометниот свет. Шпанeцот на клупата на Бразил, еден од најмаркантните тренери во светот, Жорди Рибера го пиеше своето утринско кафе во ближното кафуле на еден од плоштадите во Краков.

Бразил е домаќин на Олимписките игри, а кормиларот на ракометната репрезентација е сигурен дека Бразил чекори на вистинскиот пат до Рио 2016. Доволен повод за разговор со искусниот стратег.

„Ракометот е многу популарен во Бразил. Малкумина знаат дека во Бразил ракометот е еден од спортовите кои најмногу се играат. Дури е за неверица што во училиште во Бразил повеќе се игра ракомет од фудбал. Но кога влегуваме во професионалните води, туку многу заостануваме зад фудбалот. Но многу се работи и напредуваме со големи чекори. Многу ракометари во последните неколку години дојдоа во Европа. Пред јас да пристигнам имаше 5-6 ракометари oд Бразил во Европа, сега ги има преку 40. Тоа е голем напредок. Треба да потенцирам дека на последните два младински Мундијали, Бразил беше меѓу првите 10. На светското првенство за сениори во Катар многу тесно загубивме од Хрватска во осминафиналето. Многу се работи, се инвестира, за Олимписките игри ќе бидеме подготвени“

Што се однесува до европското првенство Рибера не ја следеше многу нашата репрезентација, но од негова страна постои огромен респект за начинот на кој се третира ракометот кај нас и го имаме неговиот благослов за Рио.

„Да бидам искрен не ја следев многу вашата репрезентација на овој турнир, бидејќи бев во другите градови. Но вашата земја е ракометна земја. Неколку пати гостував со Адемар Леон во вашата земја, пасијата која ја има народот за овој спорт е голема. Настапите на Вардар и Металург во Лигата на шампионите само го зацврсти култот на ракометот во вашата земја. Ќе ми биде драго ако го остварите сонот и ако учествувате во Бразил. Ние ве очекуваме.“

Рибера потенцираше колку е тешко за репрезентациите од Европа да се квалификуваат во една од двете групи од по шест селекции на олимпискиот ракометен турнир.

„За европските селекции е многу тешко да се стигне на Олимпијада. Патот е трнлив. Кај нас во Америка е многу полесно, а во овој случај не мора да се грижиме бидејќи сме домаќини. Аргентина и ние сме квалификувани, а и Чиле има добри ракометари. Внимавајте на нив, напредуваат и тоа видливо. Но многу натпревари се играат во текот на годината, некогаш е голем терет да се игра квалификации, но олимпискиот сон е врежан во сите спортисти, јас тоа во Бразил на секој чекор го чувствувам“

622_cc39f967-61e7-3a25-8dc9-016735d147a8Тој ќе остане уште неколку дена во Полска, па се враќа дома во Џирона и ќе ги следи бразилските ракометари низ Европа пред на крајот на мај да ги собере на подготовки за Олимпијадата. Го завршивме разговорот со пријателска насмевка и посакавме да се видиме во Бразил за седум месеци.

Разговорот можете да го прочитате и на gol.mk

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ