Крај на сагата со репрезентативецот: Марко Нелоски се сели во Германија

Македонскиот репрезентативец Марко Нелоски оваа сезона ќе ја продолжи во германскиот клуб Кобург 2000. Екипата настапува во втората лига во Германија, а средниот бек на Металург деновиве треба да го комплетира овој трансфер. Според договорот меѓу клубот и македонскиот репрезентативец тој ќе остане најмалку една сезона во дресот на Кобург, а за комплетирање на трансферот Металург треба да инкасира 15000 евра. Обештетувањето е договорено, а по реализација на финансискиот дел, ракометарот може да биде ослободен од обврските со Металург  уште утре.

Марко Нелоски на крајот на минатата сезона побара исписница од неговиот матичен клуб Металург, откако не беше задоволен од атмосферата во тимот. До почетокот на подготовките не успеа да најде соодветна екипа, па тренираше со вториот тим на македонскиот вицепрвак Металург 2. Во меѓувреме Металург го намали високото обештетување кое го бараше за ракометарот, па германскиот клуб по исплата на сите трошоци ќе биде новата екипа на младиот македонски ракометар.

Во минатото постоеше голем интерес за услугите на македонскиот бек, од силни европски екипи, но Нелоски дури оваа сезона се одлучи да заплови во интернационалните води. Од Светското првенство во Франција тој е на репрезентативниот список на сениорите, а ова лето беше дел од младинската репрезентација која го освои шестото место на Мундијалот во Алжир. Сениорскиот национален тим под водство на Раул Гонзалес обезбеди учество на Европско првенство во Хрватска, на кое се очекува младиот бран ракометари предводени од Нелоски, Талески и Кузмановски да има значајна улога во играта на националниот состав.

По првите две кола од втората германска лига, Кобург има победа и пораз. На домашен терен славеше важна победа против Битигхајм, додека во првото коло загуби на гостувањето кај Либек.