КРАКОВ ДЕН ТРЕТИ: Одмор, прошетка, подготовка!

ДЕН ТРЕТИ…
Не разбуди снег. Стануваш и гледаш белило. Со мислите се уште бевме во претходниот ден и оној натпревар со Франција. Пече ли пече тој пораз, таа нова македонска би рекол трагедија. Не навикнаа нашите репрезентативци на победи, па сега можеби и нереално очекуваме победи и против најсилните. Сепак тоа е она гордо македонско срце. Навивачите се прошетаа, некои до Аушвиц да го посетат логорот кој е спомен на едни од најсуровите години на нашата цивилизација и да им оддат почит на загинатите, други отидоа во шопинг, а останатите на кафе и прошетка.
Ракометарите го поминаа денот во одмор, анализа, Кире и Дупјачанец одвоија време за краток разговор, за по некоја слика, за по некоја шега. Двајцата се оптимисти, исто како мене, сепак Полска не е Франција.
Краков како град понуди многу, има топлина, забава, а богами има и смешки посебно кога Македонци ќе одат да ја бараат онаа наша македонска традиционална скара.
Добивме комплименти за онаа наша македонска гозба кога конечно најдовме место во Сиукс. Падна разговор, смеа, па и договори и кладби. Сето тоа залиено со специјално полско пиво, а на крај ја сковавме стратегијата во пивница. Тактика за победа против Полска: напаѓаме преку кумановски крила, брани скопски голман, додаваме на битолски пикер и реализираме преку гевгелиски бек, а на тајм- аут примаме совети од дојрански селектор. Верувајте ми Полјаците, оние наши противници немаа шанса, се предадоа практично без борба. Како што кажа нашиот „соборец“ Матеј кога фалангата маршира не запира, се додека не ја освои престолнината. Само во нашиов случај тоа не е таа во Персија, туку во ладната и студена, со снег обелена Полска.
Краков е веќе половично освоен, од 22 часот во недела, ќе биде и македонски град. Фалангата маршира, а нашите лавови и генерали се спремни и орни за битка. Поздрав од едно кралско добро познато место, и се разбира се читаме  утре.

До тогаш, за кого…
ЗА МАКЕДОНИЈА…

ТЕКСТ: КОЧО ТРАЈЧЕВСКИ/ПШ
ФОТО: КОЧО СОТИРОВСКИ