КРАКОВ ДЕН ВТОРИ: Срцето тагува, но и се радува, само напред Македонија!

Ахх…тоа би бил описот на денот кој е зад нас. Но по воздишката доаѓа и добро позната насмевка на нашите лица.

Насмевка затоа што иако Македонија загуби, сепак не се посрамоти.
Има простор за незадоволство, пред сè за последните пет минути во кои едноставно се чини нашите ракометари се предадоа и направија грешки кои не смеат да се повторат, но спортот е таков.
Франција беше фаворит и порано, ќе биде и во иднина, Македонија загуби и во нашиот трет меѓусебен дуел но покажа дека нема од што да стравува.
Вчерашниот ден ни започна бурно, со возбуда, собир, конечно целата фаланга на број, дискусии за натпреварот смеа кога ќе се сетевме на претходните искуства, проценки за шансите, но и постојани повици до оние кои сè уште беа на пат.
Се бараа онлајн карти и пораки до сите кои можат да помогнат. Карти има, големите тикетинг сервиси веќе ги имаат во својата понуда, но исто така и во самата сала и пред неа. Ако се мислите да доаѓате не стравувајте.
Официјалната фан зона се отвораше во два часот, па сите заедно времето го потрошивме во истражување на Краков. а градот и тоа како има што да понуди.
Одличен спој на старото и новото, со фасцинантна архитектура, бројни замоци, катедрали, стари пазари, коцкести улици, едноставно плени со својата магија. Исто како и луѓето кои се отворени за разговор и дискусија. На секој чекор се чувствува блискост.
Останаа на ред националните полски јадења кои од денес планираме да ги вкусиме.
Се потрошија така неколку часа кои ги исполнивме со бројни фотографии, а потоа дел од фалангата замина во македонското катче каде се забавуваше со песна и се загреваше за она што доаѓаше.

Ние ги дочекавме и последните навивачи, мала група која со сопствено возило дојде од Дојран и сите заедно ја посетивме фан зоната. Тука започна нашата подготовка, заеднички слики и поздравување со полските навивачи за потоа полека сите заедно да се упативме кон конечната дестинација.
Попат се потрудивме и обезбедивме за Македонија нова прекрасна навивачка, убавата Агнешка, а во салата, уште еднаш потврдивме дека нема други навивачи како нас.
Фалангата е, и секогаш ќе биде уникатна, посебна едноставно најдобра. Со песна од почеток до крај, навивање кое ги мотивира нашите ракометари, а ги мотивираше и неутралните полски навивачи.
Нашите ракометари ни вратија на најдобар начин, 55 минути едноставно царуваа на терен. Крајниот пораз не го расипа одличниот впечаток…
Организаторот на најдобар начин се потруди да ни покаже дека со право е домаќин на овој настан. Не, не е гламурозно како во Катар, сепак иако поскромно беше возбудливо, модерно и магично. Полска пријатно изненадува.
А надвор од сала, не дочека снег. Краков денес е обоен во белата боја на зимата, а Македонците едноставно уживаат во неа.
Како што им рековме синоќа на нашите полски пријатели со кои се тешевме за поразот, истражувајки го ноќниот живот, ние во Македонија знаеме што е и минус триесет.
Кога сè ќе се собере и одземе првиот ден од Европското првенство помина без грешка, одлично со еден исклучок. Загубивме. Но битката продолжува, следна е Полска, а Македонија знае како да стигне до триумф.
Впрочем го направивме тоа два пати, зошто да не и трет.
Поздрав од белиот Краков, затоа што денес овој кралски град е обоен во бела, но и црвено-жолта боја. До наредното поглавје…

ТЕКСТ: Кочо Трајчевски/ПШ