КОМЕНТАР: Ќе се најде ли јунак да го запре Палмарсон?

Ако суеверието е некаков показател македонскиот национален тим последната победа на 17 јануари ја извојувал пред 4 години и тоа против Иран. Оттогаш, покрај добрите игри, минималниот пораз го заменивме за реми против Германија, дури во Загреб на последното Европско Првенство. Традицијата не е на наша страна кога во прашање се дуелите со малата ракометна сила Исланд, но надежта и пожртвуваноста секогаш го краселе македонскиот состав, а само со максимална посветеност можеме да ја насочиме историјата на наша страна.

Судбината сакаше да се преслика крајот на групната фаза од Светското првенство во Франција. Повторно во еден ден Шпанија и потоа Македонија или Исланд, дилема која треба да ја реши нивниот меѓусебен дуел кој е со почеток од 18:00. Македонија го промени селекторот, но ја врати играта која се негуваше во Мец. Непопуларните „седум на шест“ се шансата на Раул за рамноправност во играта со подобрите. Исланд не е подобар, а „седум на шест“ е ефективна колку што е прецизен нападот, бидејќи секоја грешка ќе чини скапо. На спротивната страна Исланд има еден огромен адут, Арон Палмарсон. Можеби најдобриот ракометар на денешницата повторно е во стројот на исландскиот селектор, а ако останатите бекови се на граница на просечноста, ракометниот виртуоз е во одлична форма и во нападот и во одбраната. Кога сака. А решавачкиот дуел за влез во следната фаза е сигурно „за сакање“. Го видовме на натпреварот против Хрватска, потоа како да се чуваше за овој последен натпревар од групата Б, натпревар кој ќе ја одреди судбината на Македонија. Можеби вистински патоказ за неговите квалитети и лекција по која нашиот стручен штаб треба да го анализира исландскиот состав се првите триесет минути од нивниот прв мундијалски настап во Минхен. Палмарсон беше нерешлива загатка за инаку цврстата хрватска одбрана.

Во нашата селекција, ако нешто не штимаше изминатава седмица тоа беше средината во македонската одбрана, она што требаше да биде бедем најлесно „пукаше“, а токму таму исландскиот напад е најсилен. Без сомнеж, Раул ќе ја даде вистинската игра за исландскиот напад, како тоа ќе го реализираат македонските репрезентативци ќе мора да го видиме на терен. Несомнено ќе одлучува мотивот, инспирацијата на најискусните и најквалитетните, и расположението на голманите. Ни преостанува да навиваме и да се надеваме дека македонските репрезентативци ги истрошиле сите промашувања во изминативе четири натпревари. Потребна е претпазливост и дисциплина, зошто од нив зависи иднината на македонската репрезентација. Президент куп ќе биде чекор надолу и може да создаде домино ефект, групната фаза ќе значи надеж и може да даде мотив плус за иднината на македонскиот ракомет.

Дали ќе избориме нови три натпревари за повисок пласман и каква-таква шанса за олимписки квалификации или за прв пат Македонија ќе настапи на Президент Куп. Прашањето ќе го одговорат шеесете минути во рамките на вториот дуел на последниот натпреварувачки ден во Минхен. Завесата се спушта, а мундијалската приказна продолжува во Келн, Копенхаген, Хамбург и Хернинг. Со или без Македонија зависи комплетно од нашите репрезентативци.