КОМЕНТАР: За јануари да остане празник на ракометот!

Јануари е период кога публиката се претвора во селектор, а селекторот во публика. Подготовките се завршени, акциите помалку или повеќе вежбани, плановите затворени, а деталите наштимани. Нема многу место за корекции и промена на планови во последен момент, ќе играш како што си се подготвувал, по некој тајм-аут со надеж да го нарушиш ритамот на противникот. На селекторите им преостанува да гледаат од клупа и да се надеваат на најдоброто од својот тим, исто како и сите кои бевме на трибините изминативе 10 дена во Минхен и Келн. Сигурно во текот на овие 10 дена Парондо и Гонзалез посакаа да влезат во игра најмалку 100 пати, да помогнат, да нè извлечат од агонија… а камо да можеа.

Кирил Лазаров покажа дека онаа споредба „стари и млади“ е веќе излишна, повторно ја предводеше Македонија, повторно е една од најважните алки во ракометот, според статистиката, а кога може тој зошто не можеа другите, оние кои ги нарекуваме „помладите“?

Селекторот Раул Гонзалез во изминативе две недели се трудеше да не ни каже дека едноставно не нè бива за повеќе. Да не навреди, тоа е друга култура… Немаше коментар кога го запрашав каква е иднината на Македонија по Кире. А ако ова првенство е показател, треба полека да се навикнуваме на квалификации, баражи и разочарувања. Дали наскоро македонската јавност ќе треба да си бара друга занимација за почетокот на годината, таман кога веќе ги усвоивме овие денови за ракометен празник?

Еден наш поранешен селектор пред неколку години ја даде реалноста за нивната работа. Не е работа на селекторот да создава играчи, ниту да направи нешто за да се напредуваат под негова палка. Тоа е работа на клубовите, на системот, на федерацијата и на крајот на државата. Селекторот е тука да го избере најдоброто според неговата замисла и да очекува дека коцките ќе се склопат, а формата на ракометарите ќе биде на високо ниво.

Ако Червар ги откри Талески, Нелоски и Кузмановски, ако Јовиќ ги откри Танкоски, Серафимов и Томовски, тогаш што останува уште да се открива во нашите клубови? Има ли нов материјал за клесање? Кадетите се за во втор ешалон, тоа го потврдија на Европскиот шампионат во Грузија, а токму од нив се очекуваше да изразне новиот Лазаров кога веќе не се појави од овие досега.

Подмладувањето е болна тема за Македонија, треба да и се посвети сериозно внимание и работа за нејзино решавања. Бидејќи со прикрпени решенија, со делегирање на селектори поченици можеме само да отидеме уште подалеку од ракометниот крем. Зошто да не се вложи во професионален селектор, без разлика дали ќе биде Исланѓанец, Данец или балканец, некој кој има багаж позади своето име, некој кој ќе ја прати сериозно работата на идните репрезентативци, кој ќе има визија каков тип на играч ќе биде потребен за сениорскиот состав. Некој од кој ќе можат да учат нашите тренери.

Можеби е време да се формира тренерски совет, во кој ќе членуваат и работат истакнати тренери, Македонци но и странци. Совет кој ќе ги следи сите лиги и чија задача ќе биде да регрутира идни македонски ракометари, а потоа и да ги избруси во репрезентативци.

Македонија не беше единствена која имаше „детска градинка“ во Германија и Данска. Против Русија го видовме новото ракометно открите голобрадиот Косоротов, во Минхен „детската градинка“ на Исланд го реши дуелот против Македонија, а веќе е излишно да зборуваме за градинката на Норвешка и Франција, таа е од некоја друга ракометна планета. Ги видовме бидејќи имаа храброст, имаа одлучност и имаа мисија, да ја одведат својата земја кон победа па макар и „на глава“. Промашуваа, грешеа, ама оставија свој печат. Таква пркост Македонија во моменти на блесок доби со Горан Крстевски, но времето ќе покаже.

Желбата и борбеноста треба да се надополнат со квалитет, а Металург беше единственото место каде се создаваа потенцијалните репрезентативци. Нема нови центри, нема нова надеж, затоа и проблемот е поголем. Нема ниту М од оној моќен Металург кој вложуваше во својата иднина и му ја препушташе на тренерскиот џин, Лино Червар. Сега сè се сведува на селфи фотографии и ефтин публицитет. Затоа мора да се делува веднаш, за да не остане само М од ракометна Македонија.