Кокшаров: Ова е нашата реалност денеска

Вардар претрпе уште еден пораз во Лигата на шампионите и дефинитивно работите не се поправија откако и денеска дуелот беше загубен со високи девет гола, 29:38. Речиси исто како во Унгарија каде беше 30:39 и денеска нивото беше далеку од потребното за да може да се извлече позитивен резултат.

Тренерот на Вардар, Едуард Кокшаров имаше кратко излагање за она што се случи на средбата. Им честиташе на гостите за победата и најави подобри игри кога во февруари тимот ќе биде комплетен.

„Ова е нашата реалност денеска. Сепак, ни останува вториот дел од сезоната кога ги чекаме да се вратат повредените ракометари. Тогаш ќе бидеме комплетни и многу подобро подготвени за средбите кои ни остануваат“, изјави Кокшаров.

Следниот меч за Вардар во Лигата на шампионите ќе биде гостувањето кај Кил во февруари.