Кил е првиот финалист во Келн!

Во еден фантастичен ракометен натпревар во кој на дело можевме да ги видиме сите убавини кои само ракометот може да ни ги понуди , екипата на Кил успеа да го совлада Веспрем со 29-26 и да го резервира билетот за своето шесто финале во кое ќе се обиде да дојде до својата 4-та титула шампион на Европа.

Натпреварот очекувано започна доста борбено на двете страни, фокусот на одбраната беше еден од главните карактеристики и на двете екипи.По изедначената игра на самиот почеток, екипата на Веспрем успешно пробиваше на пикерската позиција и преку Сулиќ кој во тие моменти беше незадржлив успеа да се одлепи на 3 голови разлика (11-8) во 21 минута од натпреварот што беше причина тренерот на Кил, Гисласон да повика тајм аут.
Гисласон не беше задоволен и од изданието на својот прв голман Сјостранд кој до тој момент имаше скромни 2 одбрани, па на голот застана шведскиот голман Паличка. Момент кој во понатамошнит тек од натпреварот се покажа како еден од клучните за пласманот на Кил во финалето.
Паличка со своите одбрани беше главен иницијатор на враќањето на својот тим во игра,а екипата на Кил која е вистинска машина за контра-напади тоа го искористуваше на најдобар можен начин. Веќе во 24 минута со голот на Шпренгер од контра Кил успеа да направи серија од 3-0 и да израмни на 11-11. До крајот на првиот дел се играше гол за гол за конечни 13-13 по 30 минути игра.

DSC_0245

Во второто полувреме Кил беше поконкретен во играта, и многу подобро знаеше да ги искористи грешките на противникот. Преку извонредниот исландски репрезентативец Арон Палмарсон кој поведе серија од 3-0 Кил во 40 минута го имаше највисокото водство на натпреварот (16-19). Да биде уште потежок патот до финалето за екипата на Веспрем, се погрижи Ренато Сулиќ кој во 42 минута од натпреварот непотребно заработи црвен картон, удирајќи го неспортски со лакт противничкиот пивот Винчек. Тоа беше голем хендикеп за Веспрем бидејќи Сулиќ до тој момент беше еден од главните играчи на Унгарците како во нападот така и во одбраната. Веспрем се обидуваше да се врати во игра на овој натпревар ( 19-20, 43 мин) но Кил секогаш имаше одговор. Пивотот на Веспрем Виловски во 49 минута успеа да намали на 21-22 за нова надеж на Унгарските фанови, но повторно на сцена на голот на Кил стапува извонредниот Паличка кој во тие моменти брани 2 зицери на противниот, кои Палмарсон, Екберг и Винчек ги претвораат во највисоки 4 голови разлика 21-25. Последниот обид да се врати во овој натпревар екипата на Веспрем го имаше во 55 миута од натпреварот кога Наѓ преку контра успеа да намали на 25-27, по што тренерот на Кил побара тајм аут. Германците во последните минути на натпреварот одиграа искусно, испевајќи да ја задржат предноста. Веспрем пак во тие моменти најверојатно поради притисокот премногу грешеше и не можеше да се надева на нешто повеќе. Лидерот на Кил на овој натпревар Арон Палмарсон со бомба од 9 метри ги постави конечните 26-29 за Кил, со кој го завери шестото европско финале за Кил.

Противникот на Кил во утрешното финале ќе биде победникот од второто полуфинале кое на програмата е од 18:00 часот во кое играат Барселона и Фленсбург.