Квалитетни тестови за Саздовска и Турингер во пресрет на новата сезона

Екипата на Турингер каде настапува Јована Саздовска го одреди својот календар во пресрет на новата сезона. Актуелниот освојувач на Купот во Германија ќе се соочи со солидни противници во подготовките за престојната сезона, а како новитет е и веста дека Турингер меѓународните натпревари ќе ги игра во салата „Норхаусер Видисбургхале“, а домашните натпревари во салата „Ерфурт Рит“.

Првите активности започнуваат на 8 јули кога ракометарките ќе направат медицински тестови во пресрет на новата сезона. Пријателските средби започнуваат во периодот од 3 до 11 август кога ќе настапат на пријателски турнир во чешкиот град Мост каде двапати ќе играат против истоимениот тим.

На 14 август Турингер ќе одигра пријателска со романскиот Магура Чиснадие, а два дена подоцна ќе ги тестираат силите против Бломберг Липе. На 22 август ќе се сретнат со францускиот Бурж де Пеж, додека на 24 и на 25 ќе играат еднаш дома и еднаш на гости против Копенхаген.

Сезоната им започнува на 31 август кога се игра Супер куп средбата против освојувачот на Бундеслигата, Битигхајм, a првиот натпревар од домашниот шампионат е закажан за 8 септември и тоа на гости против Мајнц.

Во новата сезона Саздовска и Турингер ќе се обидат да ја освојат Бундеслигата и покрај заминувањата на неколку важни ракометарки.