Канељас: На Асобал му треба Реал Мадрид и ракометно Ел класико за да профункционира лигата

Поранешниот ракометар на Вардар, кој сега го носи дресот на Пик Сегед, Жоан Канељас беше гостин на шпанското радио Марка и со своето големо искуство даде предлог како да се зголеми конкуренцијата и квалитетот во Асобал лигата. Исто така говореше и за изминатата сезона во неговиот сегашен клуб Пик Сегед.

„Доколку Реал Мадрид формира ракометен клуб тоа би било корисно, но на краток рок за ракометот во Шпанија. Во овој момент доколку сакате да играте во Шпанија, а да можете да живеете со своето семејство тоа мора да е Барселона. Тоа не е само моја намера, сите би се вратиле, но немаме каде. Многу е тешко да се најдат спонзори, па буџетите на клубовите се многу мали што не е доволно да се одржуваат на високо ниво. Многу малку се клубовите со милионски буџет. Откако се распадна Атлетико Мадрид ракометот во Шпанија оди во надолна линија, неопходно е да има уште еден клуб кој ќе биде конкурент на Барса, вака уште пред да почне првенството го знаеме победникот“, зборуваше поранешниот играч на Вардар.

Канелјас имаше и краток коментар за неуспехот во финишот на сезоната со Пик Сегед.

„Во принцип имавме добра сезона, но не ја завршивме добро. Во моментите кога се одлучуваа титулите не бевме на потребното ниво, а бевме блиску до освојување на титулата во Унгарија“, рече Канељас.