ИНТЕРВЈУ со Сара Ристовска: Како што Русинките се чувствуваат во Скопје, така ми е мене во Москва – исто како дома

Десното крило на женската репрезентација на Македонија, Сара Ристовска, од летово има нов предизвик во кариерата. По настапите за Металург, Вардар и Крим Љубљана, македонската репрезентативка се пресели во ЦСКА Москва. Но, за разлика од претходно, сега во Русија игра на позиција десен бек. Многумина од Русија решаваат да заминат и да направат интернационална кариера, а Сара реши од Љубљана да отиде во Москва.

Новиот руски проект во женскиот ракомет забележа пет победи во шест меча од шампионатот, а обезбеди и место во четвртфиналето на Купот. Ристовска открива како се случи трансферот во ЦСКА.

„Имав донесено одлука дека ќе си заминам од Крим и месецот кога тоа го решив каде ќе ја продолжам својата кариера се појави проектот ЦСКА Москва. Се одлучив за Москва, бидејќи сакав да ја запознаам и Русија“, вели Ристовска.

Во минатото, руски ракометарки и од бившите руски републики во голем број доаѓаа во Македонија, некои од нив станаа и репрезентативки и оставаа одличен впечаток. Македонија се покажа како одлична земја. И Ристовска се пофали дека и нејзе ја прифатиле исто како да е домашна ракометарка иако игра илјадници километри далеку од сопствената таковина.

„Во минатото руски ракометарки играа во Македонија, како што се чувствуваа како дома, така сега јас се чувствувам во Русија. Навистина ми е многу пријатно тука, се чувствувам како да сум дома“, продолжува Сара.

Скопје и Љубљана во споредба со Москва се малечки населби, но нашата ракометарка нема големи проблеми со адаптацијата.

„Имам многу голема поддршка од сите девојки, стручниот штаб е фантастичен, условите се феноменални и сум задоволна во секој поглед. Колку што можам слободното време го користам да ја запознаам Москва. Прекрасен град голем колку 15 Македонии, за разлика од Скопје и Љубљана, кои се многу помали“, вели нашата ракометарка.

Се уште не дошла вистинската зима во Русија, но десното крило е сигурно дека нема да има проблеми со студот.

„Започнува зимата во Русија и моментално се привикнувам, се надевам дека нема да имам проблем со временските услови кога ќе падне снегот“, се пошегува Ристовска. 

Покрај тоа што игра во клуб со многу руски репрезентативки и е една од трите интернационалки во составот, Ристовска во ЦСКА игра и на друга позиција.

„Веќе седум натпревари играм како десен бек, имам таков договор со тренерот. Мислам дека добро се снаоѓам и имам поддршка од тренерот Лесли и од девојките. Имам слобода, на крило ми беше малку досадно, а сега имам акција и одговорност и сум задоволна засега“, заврши Ристовска во краткото интервју за 24Ракомет.

ЦСКА Москва досега има одиграно шест меча во рускиот шампионат, а загуби само еднаш на гостински терен од Лада Тољати. На средината на ноември, Ристовска и ЦСКА ќе имаат тежок  предизвик, бидејќи во руската престолнина ќе гостува еден од фаворитите за титулата, Ростов Дон.