ИНТЕРВЈУ со Никола Митревски: Ја одбрав Романија бидејќи е блиску до дома

Голманот на македонската репрезентација Никола Митревски од летово ќе има нов предизвик. Португалската Бенфика ја замени со романската Констанца. Ненаметливиот битолчанец во интервјуто за 24Ракомет говори за искуството во Португалија, за настапот на националниот на ЕП, зошто се реши за Констанца…

По две сезони минати во Бенфика, кариерата ќе ја продолжи во ракометна земја како Романија и тоа во тимот на Констанца, каде до скоро играше уште еден Македонец, Бранко Ангеловски, кој ја заврши кариерата.

„Бев многу добро прифатен во Португалија. Тие не се баш отворен народ, односно се, но зависи за кого. Брзо го научив јаикот, а тие многу го респектираа тоа. Кон крајот на првата сезона почнав да зборувам течно и сите ми се восхитуваа на тоа и ми викаа „секоја чест, ти си еден од оние што научија брзо, го почитуваш градот, државата кај што го вадиш лебот“. Бев со моето семејство таму и се беше супер од сите аспекти. Од финансискиот дел исто така немаше никакви отстапки, некогаш дури и предвреме земавме плата. Единствен минус беа само малите амбиции на Бенфика. Тие сакаа само со нивните млади и со двајца тројца странци да освојат првенство и Куп. Малку е тешко, покрај високите буџети на Спортинг и Порто. Повеќе натпревари го добивавме што се вика на инает, немавме голема поддршка од публиката. Клучната причина што заминав се малите амбиции на клубот. Лани игравме три финалиња, го освоивме само Купот, а потоа изгубивме од Брага во Челинџ Купот, а потоа и во финалето на шампионатот од истиот тим. Оваа сезона имавме пех, кога испаднавме од Купот на ЕХФ само поради гол разлика, можев да се вратам со четири титули најмалку, но тоа е што е.“ – вели Митревски на стартот.

Во однос на тоа колку се разликува нивото на ракометот во Португалија и Македонија, голманот вели дека тој е на второ место во хиерархијата на спортови во пиринејската земја и дека таму на врвот е фудбалот.

„Ракометот е далеку зад фудбалот во Португалија и полни сали има само на дерби дуелите меѓу Порто, Бенфика и Спортинг Лисабон. Португалија е пред се фудбалска земја. Ракометот е во подем, но гледачи освен на дерби дуелите меѓу Порто, Бенфика и Спортинг Лисабон, нема многу на другите натпревари. Дури и таму, навивачите се на натпревари пред се поради фудбалскиот ривалитет. Фудбалот им е религија. Кога играше Бенфика на стадион, градот застанува. Кај нас во сала има по стотина луѓе на натпреварите, и сите навивачи ги знаеме лично. Ракометот е популарен на ТВ, па луѓето ги гледаат нашите натпревари и не препознаваат на улица. Навивачите на фудбалскиот Порто се поприврзани со ракометниот тим, отколку овие на Бенфика и Спортинг. Порутгалија има солидна репрезнетација, има неколкумина интернационалци и може да напредува уште повеќе.“ – продолжува Митревски.

Тој во Македонија, беше дел од трите најголеми клубови. Пелистер, Вардар и Металург. Летово имаше комбинација за камбек во Македонија, но сепак реши да ја продолжи интернационалната кариера.

„Имаше интерес и од моја и од страна на битолските клубови, но не успеавме да се договориме. Имав исто така понуда од Макаби Ришон Ле Зион, кој има високи амбиции. Сакав да се вратам поблиску до дома. Со Португалија има лоши авионски конекции, доколку заминев во Израел ќе беше уште полошо. Сега со Романија ќе биде многу полесно, секогаш кога ќе имаш два три дена слободни, палиш кола и дома си за кратко време.“ – вели Митревски.

Во однос на неговата улога во националниот тим за кој брани одамна, не сака да се жали дека не ја добил вистинската шанса и вели дека секогаш ќе биде тука за да го даде максимумот и да и помогне на репрезентацијата.

„Никогаш не сум размислувал на таа тема конкретно. Не мислам дека не сум добил вистинска шанса, мислам дека е тоа жалење, дека барам нешто, а не е така. Секогаш сум давал максимум на тренинзи, тоа што е мое го одработувам максимално. Се трудам дали од клупа, дали од трибини да ја поддржам репрезентација. Има стручни луѓе кои одлучуваат кој и колку ќе игра. Никогаш не сум прашувал зошто и како. Ако добијам шанса добро, ако не пак добро. Мислам дека е малку себично ако некој гледа, јас да играм па не е важно дали ќе победиме или загубиме. Најтешко е кога си на трибини, кога си на клупа пак имаш контакт и неккако може да помогнеш. Никогаш не сум гледал од тој аспект, според мене е губитнички.“ – искрен е Митревски.

Голманот направи споредба меѓу системите на работа на претходниот селектор Лино Червар и на сегашниот Раул Гонзалес, но вели дека и од двајцата има што да се научи и дека двајцата си имаат свои квалитети.

„Овие две години во Португалија работев со шпански тренер, па горе доле го познавам тој систем, иако овој на Раул е малку различен од тој на другите Шпанци. Раул во спредба со Червар има различен систем на водење на натпреварите, поинаква комуникација со играчите, тие се двајца различни тренери, сосема спротивни. Јас да би бил селектор, би земал по половина и од двајцата. Имав можност да работам со големи тренери како Червар и Вујовиќ, еве сега и со Раул, исто и со Звонко Шундовски. Не можам да кажам дека би земал нешто добро само од еден од нив, туку би ги споил нивните најдобри нешта. На сите во националниот тим сега им годи смиреноста на Раул и неговиот начин на водење на репрезентацијата.“ – продолжува Митревски.

Во македонската репрезентација играат повеќе играчи што биле дел од повеќето големи настапи на кои настапил националниот тим. Митревски смета дека тоа не е причина за намалување на желбата, мотивот, амбициите…

„Со оглед на тоа што имаме играчи кои играат во европскиот првак Вардар, во Бундес Лига, во Барселона, мислам дека гладта за победи никогаш не изостанала. Мислам дека сите сме родени победници, без разлика дали се работи за игра некоја на тренинг или официјален натпревар. Секогаш ја има таа желба за победа, без разлика дали е на ЕП или СП, добро е сега што завршивме на прво место во квалификациите и Чешка беше разбиена во Скопје. Прво место бевме во групата на крајот. Борко беше во идеалниот тим, моја одбрана беше во најдобрите пет, Манасков имаше еден од најдобрите голови. Независно што имаме мала промена на генерацијата, нема да има намалување на желбите, на мотивите….“ – вели битолчанецот.

Противници на Македонија во групната фаза на ЕП во Хрватска ќе бидат Германија, Словенија и Црна Гора, а Митревски смета дека со добри подготовки Македонија може да направи одличен резултат.

„Ако биде се како што треба, со здравствениот билтен, со добри подготовки мислам дека имаме убави шанси. Со Раул имавме краток период за адаптација, а имплементираме нешто ново. За ЕП ќе имаме подолго време, и мислам дека ќе играме добро на ЕП. Групата на ЕП е навидум тешка, но според мене не е ни тешка, ни лесна. Сега сме доволно созреани да процениме што и како ни треба. На ЕП во Полска имавме некој послаб меч, но оттогаш само гостувњето во Чешка би рекол дека сме биле надиграни. Можеби голманите тогаш имаа слаб ден, но после тој натпевар никој не не надиграл.“ – смета новиот голман на Констанца.

По некоја лоша партија на македонската репрезентација, посебно доколку голманите имаат лош ден и малку одбрани, низ социјалните мрежи веднаш почнува лавина критики и плукање по репрезентативците….

„Ако голманот брани добро, секогаш се гледа неговата работа на дело. ако брани добро е на врвот, ако брани лошо е под земја. Играч како играч, ако промаши еднаш никој нема да памти, или ако има 1 гол од 5 обиди, а голманот е тој што е централна фигура според мене, ако не фати секогаш е на мета. Не им замерувам на тие што плукаат, мислам дека тие не го рабираат ракометот. Не можеш да имаш 15 или 20 одбрани, ако екипата не игра добро во одбраната. Односно, можеш, ама не секој натпревар. Еднаш ќе успее, ама втор пат нема. Едно без друго не оди, одбрана без голман. И за добрите и за лошите игри на голманот е заслужна одбрана. Голманот не може да биде на високо ниво без добра одбрана.“ – вели Митревски.

Во последно време на голот на репрезентацијата со мали исклучоци се или беа, Борко Ристовски, Никола Митревски, Петар Ангелов, Златко Даскаловски…Ангелов веќе се пензионираше од националниот тим, а другите имаат уште многу да понудат. Митревски смета дека Македонија има одлична голманска иднина….

„Голманите порано играа до 37-8 години. Сега со текот на времето, како што се усовршуваат методите на тренирање, внимавање на исхраната, нема веќе екипа без 40-годишник. Имам јас уште долго време да бранам. Македонија секогаш имала и ќе има добри голмани. Оваа генерација на младинци, исто така и претходната има одлични голмани, кои во иднина ќе бидат на скратените списоци на селекторите, па имаме голманска иднина. Не само на таа позиција, туку и на сите. Јас секогаш пробував да украдам по нешто од поискусните голмани, сега има некои ки прашуваат кои се подготвени за соработка. има некои што се полни со самодоверба, но мислам дека тие што прашуваат, побрзо ќе стигнат до целта.“ – смета Митревски.

Дел од ракометарите по завршувањето на кариерата се решаваат да запловат во тренерските води. Митревски вели дека сега засега не размислува на таа опција.

„Не сум размислувал на таа опција да бидам тренер по завршувањето на кариерата. Иако соработував и се уште соработувам со многу големи тренерски имиња, не сум научил многу хахаха. Ретко кој спортист пред да ја заврши кариерата знае дека ќе биде тренер во иднина, можеби тоа се одлучува во последните две три години.“ – објаснува Митревски.

Иако пред две сезони ја напушти Македонија, сепак ги следи случувањата во ракометниот шампионат и посакува неговиот матичен клуб Пелистер да се врати на старите победнички патеки и сите екипи да се плашат пред гостувањето во Битола.

„Јас ја следам цела македонска лига на стримовите на РФМ. Особено го следам мојот матичен клуб Пелистер, имам многу другари кои што сеуште играат тука. Десетина години или се тапкаше во место или беше се полошо. Во последните две три години работата тргнува постепено кон горе, се надевам дека ќе се среди се како што треба. Треба само еден добар спонзор, малку повеќе финансии и неколку добри засилувања. Битолската публика е желна за добар ракомет, покажаа досега многу пати и на дуелите на Работник и на Пелистер минатата сезона, секогаш беше полна салата.“ – завршува Митревски.