Интервју со Димитар Димитриоски: Со малку среќа и повеќе дисциплина до врвот!

Македонија има нова одлична генерација во младинска конкуренција, а истата денеска тргнува во нов поход по освојување на висок пласман на ново натпреварување. Јуниорите како домаќини влагаат во битка со уште десет други селекции.

Целта на овој ЕХФ-шампионат кој денеска почнува во Скопје и ќе се игра до 29 јули е да биде освоено првото место кое води во А-зоната и кое дава шанса следната генерација да игра со најдобрите на Европско првенство.

Затоа овој шампионат ќе биде од големо значење, а во составот има веќе искусни момци кои зад себе имаат настап на Светско првенство од минатото лето кога во Алжир го освоија 6. место. Димитриоски, Јагуриновски, Танкоски, Шилегов, Арсеновски, Петровски… се дел од тој тим и играчи кои од денеска ќе мора да покажат дека ја научиле лекцијата од тој шампионат која ќе треба да им ја пренесат на помладите.

„Ние бевме со генерацијаа 96 и во тој состав бевме повеќе како помош, но и да го собереме искуството кое е потребно токму за ваквите натпревари каде треба да се избори за место во А дивизија и да се биде лидер. Во минатиот циклус бевме неколку кои сме и сега во составот. Учествувавме во квалификации за Европско првенство во 2016 година, па до лани кога имавме огромен успех на Мундијалот во Алжир каде завршивме на 6. позиција. Нормално дека тие година до две се голем плус за нас каде што сме напредувале и сме гледале од постарите што и како треба да се направи и тоа е едно одлично искуство“, вели Димитар Димитриоски во интервју за 24 Ракомет.

За него нема слаби противниците. Сите ривали ги гледа на исто ниво и вели дека мора да се има добра подготовка за секој од ривалите со кои ќе треба да се одигра на ЕХФ-шампионатот.

„Имаме добар распоред. Почнуваме против Велика Британија, па имаме два дена пауза која е добредојдена за да можеме да ги снимиме другите репрезентации и да видиме кој како ќе игра на шампионатот. Тие два дена ќе можеме да се подготвиме за Италија, Швајцарија и Украина. Можеби сме играле со некои од нив, но како што поминува време сите нешто менуваат и не е исто како што играа пред две години. Мораме сите да влеземе максимално уште од првиот меч, па потоа чекор по чекор да одиме кон нашата главна цел, а тоа е пласман во финалето и негово освојување. Нема калкулации и штедење. Тоа не смее да се случи. Не смееме ниту против Велика Британија да гледаме така и да зборуваме дека ќе се штедиме. Напротив мораме да влеземе максимално и да одиме скала по скала за да се искачиме до врвот каде што ќе треба“.

Свесен е и за моментот дека не само оние кои веќе имаат настапи на шампионат туку сите да го покажат најдоброто и максимално мотивирано да им пристапат на сите средби.

„Нормално е да се очекува од нас кои бевме на Мундијалот во Алжир да повлечеме и да дадеме еден елан за другите во тимот. Кога е така е нормално да го направиме тоа. Не би било добро ние да очекуваме од кадетите кои ќе добијат шанса да го понесат товарот. Мораме ние да повлечеме, но тука мора сите да одигрме како колектив. Имаме перфектен стручен штаб кој работи одлично со нас. Организирано е сè највисоко ниво. Затоа ние мораме да повлечеме, а секој од нас што ќе биде на теренот ќе мора максимално да ја искористи минутажа која ќе биде дадена од страна на селекторот“.

Тој е еден од оние кои одлично знаат како е да се работи со селекторот Данило Брестовац бидејќи своите почетоци ги имаше кај него во тимот на Металург.

„Кога бевме кадетска репрезентација немавме можеби голема транзиција и веројатно игравме повеќе шаблонски. Сега имаме смена на селектор. Данило Брестовац ни беше тренер во Металург и сега повторно работиме со него. Нè познава одлично, а и ние добро знаеме што бара тој како селектор од нас. Мислам дека на крајот сè ќе биде како што треба“.

Во однос на претходната генерација има промени. Ја нема целата бековска линија која имаше играчи подготвени да шутнат од секое место.

„Ние и во претходната генерација бевме одлично покриени на сите позиции но Талески, Кузмановски, Неловски и Велковски беа играчи кои знаат одлично да одиграат. Тие се повисоки во однос на бековите кои сега се во јуниорската селекција. Од нив се очекуваше разлика. И сега сме добро покриени. Имаме ракометари кои веќе имаат играно средби од Лигата на шампионите, од СЕХА-лигата, настапуваат во Супер лигата. Ако сите го дадеме максимумот тогаш може да дојде до резултатот. Нема да има ќе играме бековски или ќе одиме преку крила или пивот. Мораме да го одиграме она што селекторот го бара од нас. Ќе мора да бидеме дисциплинирани и да ги слушаме советите“.

Со оглед на тоа што турнирот се игра во Скопје за очекување е ова да биде одлично натпреварување во кое ќе има многу квалитетни средби, но домашниот терен секако треба да биде предност.

„Играњето пред наша публика секако има огромна улога. Влагаме во сала каде што амбиентот е прекрасен. Организацијата е на ниво, салата е средена и секако публиката ти нуди задоволство да играш. Тука сме дома и ќе биде навистина поинаку. Ќе имаме навивачи кои ќе не бодрат и ќе навиваат“.

Сите репрезентативци веќе имаат искуство зад себе од настапи против големи тимови, а голем дел од играчите успеаја и да купат многу од потезите на големите мајстори.

„Со Металург во Лигата на шампионите игравме против Монпелје кој на крајот дојде до титулата. Гледавме многу квалитетни играчи. Во СЕХА-лигата исто така играа многу квалитетни ракометари. Сето она што го гледавме моравме да го вежбаме за да го спроведеме на терен. Таму игравме против повозрасни ракометари, а сега веројатно ќе ни биде полесно бидејќи ќе играме против наши врсници“.

Димитриоски вели дека секогаш е добро кога има споредување, но и дека никој не може да знае што и како ќе се случи бидејќи успесите во спортот зависат од многу работи.

„Секогаш има споредби. Не би сакале да се залетуваме. Јас сакам да одиме чекор по чекор, па можеби ќе успееме да направиме и уште повеќе од претходната генерација. Сепак, во спортот некогаш е потребна и среќа. Треба да се склопат коцките и секој може да стигне далеку. Сменет е системот и ќе има полуфинале, па финале, а тоа е подобро. Сепак, никој не би одел да киксне туку секој сака да победи, но спорт е и топка е и на секој може да му се случи“, рече Димитриоски пред почетокот на ЕХФ-шампионатот во интервју за 24 Ракомет со што најави одлична игра и турнир на кој Македонија ќе има што да покаже. Воедно и да ги израдува сите навивачи.

На турнирот играат 11 репрезентации, а само првопласираната ќе успее да се пласира во А-зоната и во следниот циклус ќе игра на Европско првенство каде се најдобрите 16 селекции.