Интервју со Андон Бошковски: Грузија за 4 години да биде препознатлива во Европа

Малкумина тренери може да се пофалат со највисокото признание од ЕХФ, а еден од оние со „мастер коуч“ лиценца е и македонскиот стратег Андон Бошковски. Тој беше дел од стручниот штаб на Македонија кога се радувавме на петтото место од Европското првенство во 2012 година, а неговата приказна во македонската репрезентација започнува со почетокот на новата ренесанса на македонскиот ракомет и оној незаборавен натпревар на отворањето на спортската сала „Борис Трајковски“ против Исланд.

Следуваше светското првенство во Хрватска во 2009 година, а подоцна и Мундијалот во Шпанија во 2013 година. Веќе беше селектор на селекција на Македонија која настапи на медитерански игри, но сега ќе има нов поголем предизвик како селектор на репрезентацијата на Грузија.

Бошковски беше дел од нашите најдобри клубови Вардар и Металург, го предводеше Младост Богданци, а минатата сезона со Е. Работник испиша нова историја за клубот со пласман во финалето на Купот на Македонија и обезбедено учество во Челинџ купот. Во интервјуто за 24Ракомет говори за новиот селекторски предизвик со Грузија и за првичните цели, за Вардар, Металург, Македонија, како и за заминувањето од Е. Работник…

Водењето на селекцијата на Грузија ќе биде нешто ново за Бошковски. Веќе дебитирал како селектор на македонската репрезентација, но ова е прв интернационален предизвик за македонскиот стратег како селектор на една странска земја.

БОШКОВСКИ: Уште за време на кадетското ЕП за жени во Македонија, имав некои најави дека може да станам селектор на Грузија. Имав разговори со некои од луѓето од ЕХФ и ИХФ кои работат за напредок на ракометот, но моите обврски во клубот во тој момент не ми дозволуваа да размислувам на таа тема. Луѓето од грузиската федрација беа коректни, а за мене тој период беше една фаза на запознавање со играчите што играат во репрезентацијата. Цело лето гледав натпревари од квалификациите за ЕП 2020 година на Грузија. Истовремено се играше и СП за кадети во Грузија, не направија некој успех како домаќини, иако имаат талентирани играчи, па почнав да рамислувам дека може да се направи нешто добро, за мене како тренер и второ, нешто добро за грузискиот ракомет, кој дал некои 5-6 одлични играчи во поновата историја. Почнав подлабоко да рамислувам за таа ситуација, и некаде кон крајот на септември, се договоривме.

Кон крајот на ноември се полираа деталите за новиот ангажман на македонскиот стратег. Во една година Македонија имаше двајца свои тренери на селекторските столчиња на странски земји откако Звонко Шундовски застана на чело на Израел.

БОШКОВСКИ: Договорот беше не да бидам таму нон-стоп, туку пет шест пати годишно додека се неделите на ЕХФ и да ми се остави простор да работам во некој клуб. На почетокот, луѓето од федерацијата не ја прифатија оваа опција, но во понатамошниот тек на преговорите ги ускладивме нашите размислувања, нaшите идеи и начинот и принципите на кои би ја водел таа репрезентација. Нормално мора да имам човек кој го познавам и кој е дел од таа приказна, а тоа е поранешниот ракометар на Вардар, Тите Каландазе. Тој е селектор на кадетската репрезентација и професор на академијата во Тбилиси, и почнавме со него да доаѓаме до реализација на идејата. Без разлика дали е Грузија или друга земја, која не е на ракометната мапа, за мене е голем предизивик што ќе ја водам репрезентацијата во квалификациите за СП 2019 година што ќе се играат во Литванија. Луѓето од тамошната федерација го знаат тоа дека било кој друг тренер не може да направи ништо за 15 дена. Најбитно е да го стабилизираме тимот, да дадеме некои насоки како да се работи и да почнеме да функционираме како една нормална европска федерација.

Грузија вложува во младите ракометни надежи, а во свој прилог и одат и домаќинствата на Светските и Европските првенства во младинска категорија. Токму оваа година Европскиот шампион за ракометари до 18 години ќе се одржи во Тбилиси, а филозофијата на Бошковски e во иста насока кон која се движи и тамошниот ракомет.

БОШКОВСКИ: Грузиците имаат голем број на млади играчи, но немаат силна лига, што е голем проблем. Играчите кои ќе пронајдат клубови надвор од границите, продолжуваат да се развиваат, а проблемот е талентираните играчи кои нема да најдат клубови надвор, прекинуваат со ракомет и го продолжуваат својот животен пат во друга насока. Уште еден голем проблем е што некои од играчите остануваат да играат за другите репрезентации на државите каде што настапуваат. Заедно со мене, челниците на грузијската федерација сакаат да го искоренат овој проблем. Колку ќе успееме не знам, но засега работите одат во позитивна насока.

Прва цел за новиот стручен штаб на Грузија ќе биде квалификацискиот турнир во Литванија кој треба да даде еден патник за бараж фазата од Светското првенство 2019.

БОШКОВСКИ: Подготовките започнаа пред пет дена, имаме уште 10 дена да бидеме заедно, ќе видиме што и како можеме. Повикавме 28 играчи, ќе направиме еден микс од повозрасните како Чиковани, Чантурија, Тевадзе, и сите останати ќе бидат помлади. Веќе го направив првиот филтер, тука ќе биде и искусниот Датукашвили кој прифати да ни помогне, неговото искуство ќе биде драгоцено. Со млади сили заминуваме во Литванија, а таму ќе бидеме аутсајдери.

Во квалификациската група 2, Грузија ќе се натпреварува со Латвија, Израел и домаќинот Литванија за единственото место кое води до бараж дуелите во јуни.

БОШКОВСКИ: Можеби Израел со Звонко Шундовски на клупата е најголем фаворит, затоа што тие веќе четири месеци заедно играат, Шундовски е таму цело време и знам колку добро работи. Но ако ни се даде можност ќе изненадиме, и тоа би било голем чекор напред за грузискиот ракомет. Имаме млад шеснаесетгодишен десен бек, Цеховребадзе, кој замина во Монпелје оваа сезона. Заедно со Чантурија имаме одлично младо десно крило Дихаминџија кој после овој турнир заминува за Данска, тука е пикерот Липјашвили и братот на Дихаминџија кој има само 17 години и е втор голман на репрезентацијата. Во Грузија следната година се одржува Европски шампионат за ракометари, родени 2000 година и помлади затоа младите репрезентативци ќе добијат шанса да стекнат искуство во сениорскиот тим преку овој квалификациски турнир.

Тбилиси и Грузија, се релативно непозната средина за нас Македонците. Бошковски вели дека таму имаат одлични услови за работа и дека сите се желни да направат чекор напред со националниот тим.

БОШКОВСКИ: За Тбилиси знаев дека тоа е град каде многу од руските богаташи доаѓаат на одмор, тоа е град на туризмот. Имаат првокласна кујна, тоа ќе биде голем проблем за мене (се смее). Видов што и како имаат кога отидов таму, ме прошетаа по сите сали, имаат сали што ги направија за Младинскиот Олимписки Фестивал во 2015 година. Условите се феноменални, имаат свој хотел, ќе треба малку време да се види како сè ќе оди. Играчите и луѓето од федерацијата се желни да направиме чекор напред, пред се заради нив.

Пример за насоката по која треба да се движи ракометот во Грузија е македонската сениорска репрезентација, кој по повеќе од една деценија во 2009 се врати на ракометната мапа и големите ракометни натпреварувања.

БОШКОВСКИ: Македонскиот ракомет се издигна откако го победивме Исланд во 2008 година, тогаш се појавија и нови спонзори, дотогаш беа само двајца-тројца луѓе кои даваа пари во ракометот. Сакаме да направиме нешто слично и тука, не мора да бидам јас, може и да биде некој друг тренер, само нивото на грузискиот ракомет да се подигне на повисоко ниво. Грузија е спортска земја, последните седум години, кошаркарите играа на Европски првенства, луѓето сакаат да инвестираат во спортот, имаат финансии и инфраструктура, па ќе видиме што ќе излезе од сето ова.

Грузија отпадна од претквалификациите за ЕП 2020 година, па сега се насочува кон предизвикот наречен СП 2019 година и посакуваат да се изборат за бараж.

БОШКОВСКИ: Некои од репрезентативците особено оние кои настапуваа во странство не доаѓаа на собирите, бидејќи сметаа дека не се работи сериозно. Имаа период пред три или четири години кога на селекторското столче седна Ѓорѓе Рашиќ, тогаш тргнаа малку напред, но во последните години се вратија на старите патеки. Мене не ми е цел само да играме во претквалификации, на друг начин сум воспитуван, и секогаш се стремам да одам се погоре и погоре. Се договоривме овие квалификации, да се хомогенизира екипата, да се постави некоја цел и се надевам дека ќе направиме репрезентација која за три или четири години ќе биде дел од средината на табелата во Европа, ако така може да кажеме.

Дел од грузиските репрезентавци играат во македонските клубови, токму нив Бошковски најдобро ги познава.

БОШКОВСКИ: Пред 20 години во Вардар дојдоа Каланадзе, Туркија и Бокочадзе и во разговор со Каланадзе ми кажа дека ако не беше Вардар, тешко дека ќе станеше добар ракометар. Имаше среќа во 2004 година да дојде и Реваз Чантурија, кој сега има и македонски пасош. Сигурно дека неговиот збор за нас во Грузија значи многу, бидејќи е многу почитуван. Во разговорот со челниците на федерацијата, тие изразија желба во иднина поталентираните грузиски ракометари да дојдат во Македонија за да се кренат на едно повисоко ниво. Чантурија и Каланадзе имаат високо мислење за македонскиот ракомет и на убав начин ја презентираат Македонија во Грузија, токму тоа е причината повеќето талентирани грузиски ракометари да сакаат да дојдат во Македонија.

Со доаѓањето на македонскиот стратег на клупата на Грузија, ќе се има промени во националниот тим, конкретно во делот на возраста на играчите, па ќе бидат форсирани помлади играчи.

БОШКОВСКИ: Има талентирани играчи, сигурно ќе се базира во иднина играта на нив. Најголемо задоволство ќе ми биде да успеам да ги инфилтитирам младите играчи, кои сепак треба да ги обликувате и дошколувате за да дојдат на повисоко ниво. Јас и кога бев во Работнички, целта ми беше иста да се образуваат играчи, да се создаваат паметни играчи, можеби поради оваа филозофија имав потешкотии во мојата кариера но сатисфакцијата е голема. Во моето шест месечно работење во Романија, им укажав шанса на две ракометарки од Роман, кои не играа ниту во клубот, а по соработката со мене, беа дел од романската репрезентација на ЕП и на СП. Иако немавме контакт повеќе од една година, ми напишаа една убава порака, што ме направи да бидам горд и само ми докажаа дека мојата работа не била залудна.

Бошковски беше тренер во Вардар и Металург и вели дека искуството во двата наши најдобри клубови му помогнало да се формира како тренер.

БОШКОВСКИ: Моето доаѓање во Металург во 2004 година ме внесе во професионалниот ракомет, т.е. дека можам да живеам од спорт, претходно кариерата ја започнав во Работнички со една многу успешна генерација, но сето тоа беше на волонтерска база и чисто да пробам како е во тие води. Нормално со доаѓањето во Металург се отвори една нова многу убава страница, често и тешка во тие 8 години таму, ќе пробам да ги паметам убавите работи и нормално првите титули со тој клуб во сите конкуренции и соработката со сите тренери таму.  Преку тој клуб стигнав да бидам дел од репрезентацијата која во тој период почна да оди во нагорна линија и затоа сум пресреќен, а сè што се случуваше во Вардар во тие три сезони додека бев таму, ќе остане засекогаш во мене и никогаш нема да се избрише.

Тој помина помалку од една сезона во суперлигашот Е. Работник и остави трага во Битола, односно го однесе тимот во финалето од Купот на Македонија и му обезбеди европска виза.

БОШКОВСКИ: Првиот контакт со Е. Работник беше воспоставен во септември/октомври 2016 со господинот Благоја Стефановски. Јас тогаш бев во женскиот тим на Роман и сакав да се вратам што е можно побргу во машкиот ракомет. Тој клуб во овој период беше воден од Иван Марковски и Александар Зарков, кои немаа среќа со странските засилувања, а тоа беше причина да се создаде проблем во екипата. Во просториите на клубот се договоривме со Благоја и Бојан Стефановски, на кои сакам да им заблагодарам за вербата во мене. Но како тој момент да ги оддалечи од клубот, односно како луѓето што даваат пари да не беа задоволни од мојот ангажман. Бев во ситуација воопшто да не стигнам во Битола, но заради почитта кон нив двајца и договорот кој го направивме ја преземав екипата.

Бошковски започна со работа во битолскиот клуб по крајот на минатогодишниот есенски дел во македонската Суперлига. Ја започна пролетната полусезона со скромен играчки кадар, за во мај да го достигне најголемиот клупски успех на Е.Раборник, со пласман во финалето на Купот на Македонија.

БОШКОВСКИ: Начекав клуб кој беше финансиски стабилен, секако не споредувам со Вардар и Металург, кои се друга димензија. Немав некој голем избор на играчи, останавме со двајца странци Барош и Адли, со кои имав одлично искуство, единствениот лев бек во тој момент Караиванов, не знам од кои причини беше отстранет од екипата. На три или четири играчи им ги намалија платите, а сите работат за пари, па ако си договорен за едно, а добиваш друго, може да има негативен ефект, а авторитетот на новиот тренер паѓа на најниско можно ниво. Разговарав со луѓето од управата, видов дека ова не води никаде, но се заинаетив. Можам да кажам дека Металург, преку тренерот Червар и спортскиот директор Димовски ми помогна во тој момент, со отстапувањето на Крстевски и Јагуриновски, така направив една екипа, со која на почетокот беше тешко, но влеговме во еден систем и целта беше да се излезе во Европа со таков состав.

Со екипа составена од претежно македонски ракометари, амбициозниот проект Е.Работник продолжи и во Суперлигата. Круна на сите вложувања беше организацијата на Купот на Македонија и победата над градскиот ривал во полуфиналето. Со пласман во големото финале, битолскиот клуб обезбеди место во европските купови и натпревар против Вардар, кој еден месец подоцна ја обезбеди првата титула во Лигата на шампионите.

БОШКОВСКИ: Јавно не кажував, но сите знаевме дека може да направиме нешто повеќе, иако тогаш Охрид, Пелистер и Борец беа екипи што имаа свој ритам. Но, посветеноста на играчите донесе да стигнеме до финалето на Купот и со тоа добивме место во Европа. Голем дел од луѓето што беа во ракометот во тоа време, ми кажаа дека играме одличен ракомет, дека промовираме помлади играчи како Дарио Петровски на пример, кој гледам дека сега не игра, но се надевам дека тоа ќе се промени и дека тоа е само фаза. Филип Чурлевски со моето доаѓање почна да игра одличен ракомет, а морам да се заблагодарам на Мајнов, Чаневски, Мојсоски… Издржав во една приказна наречена Пецаковски, кој се повреди на почетокот, го немав се до април, имав притисоци, да биде или да не биде, но јас знаев дека ќе се врати и дека ќе ми помогне мене и на клубот. Тој мој инает дојде до ситуација да стигнеме до финалето на Купот на Македонија.

Откако обезбедија излез во Европа, управата на клубот му понуди нов договор на Бошковски. Иако имаше интерес од неколку странски екипи, македонскиот стратег се одлучи да ја продолжи приказната со битолскиот клуб.

БОШКОВСКИ: Тогаш помислив дека ќе почнеме да создаваме доверба меѓу тренерот, управата и играчите и дека ќе започнеме да растеме и да се развиваме како голем клуб, но тоа не се случи. Во разговорите после сезоната, за тоа во која насока ќе се движиме во иднина, јас бев претежно за македонски играчи и инсистирав за задржување на пивотот Ашраф, надополнети со нови две-три засилувања од страна, но квалитетни и млади играчи. Им кажав на луѓето од клубот дека не сум менаџер, ниту имав намера некогаш да преговарам со играчи, но веќе кога се носат такви одлуки сакав само да видам дали одговараат на клубот и на мојата филозофија, што е нормално за еден тренер. Оставив луѓето што ги даваат парите од управата да имаат апсолутно право да ги договараат деталите и да контактираат со нив, но требаше да го имам последниот збор дали тие вредат или не.

Проблемите започнаа уште во подготвителниот период, откако двете нови засилувања не ги задоволија критериумите на стручниот штаб. Наместо да ја искористи новата сезона и д го подигне нивото на игра, Е.Работник остана само со едно вистинско засилување во името на Гоце Ојлески, кој го замени првиот стрелец на клубот од минатата сезона Серхио Барош.

БОШКОВСКИ: Првиот момент што не беше испочитуван беше тоа што не успеавме да го задржиме Ашраф Адли, донесоа играчи, потпишаа договори со нив, а знаев дека не се на нивото на клубот. Имаше тука претешки моменти за мене и едноставно сфатив дека не сум пожелен за тој клуб. Морам да кажам тука една реченица на познатиот кошаркарски тренер Мајк Крижевски, кој на прашањето колку е добар како тренер, одговори-„Јас сум добар тренер, колку што управата ми го чува грбот.“ Без разлика дали грешиш или не, се гледаше на секоја моја грешка. Можеби е тоа нормално кога некој дава пари, ти ги гледа грешките и не ти ги укажува, а најтрагично во сето ова е кога истите прават грешки ги покриваат со нешто друго. За жал така врвен спорт не бива. Секој мора да ја сноси својата одговорност.

Откако во Вардар пристигна новиот сопственик, „црвено-црните“ ја загубија титулата од Металург, играа променливо, а по пласманот во четвртфиналето на Лигата на шампионите во првата сезона кога Раул Гонзалес седна на тренерското столче, актуелниот европски шампион чекаше три години за повторно да биде дел од најдобрите осум екипи во Европа.

БОШКОВСКИ: Колку за споредба, сопственикот на милионски клуб како Вардар, Самсоненко издржа со Раул четири години. Иако сите се лутеа по некои порази, изгубени титули, упорноста на Сергеј и одлуката да го задржи Раул на крај му врати со европска титула. Глупаво е да се прават споредби, но кога веќе разговарате на тема спорт, треба да разговарате со спортски, а не градежни работници. Јас во последно време имав контакт со извесен Горан, кој е директор на ГП „Пелистер“, кој нема допирни точки со спортот. Доаѓаш да разговараш, но не знаеш што и како да објасниш. Постојано инсистирав да се доведе квалитетен пивот, а беше донесено ефтино решение, и јас сум за млади ефтини играчи ама треба да знаеш да ги погодиш,  односно да знаат ракомет. Но градежните работници може само површно да го познаваат овој спорт. После еден месец управата сфати дека „засилувањето“ не е добро решение за екипата, затоа требаше да го напушти клубот. Наместо таа одлука да ја соопшти оној кој го донел во клубот, таа „чест“ ми припадна мене. Дојдоа некои непријатни ситуации кои се мачни, и не се пожелни за никого.

Покрај проблемите со кои се соочуваше Работник во подготвителниот период, тие ја започнаа сезоната со променлива игра, особено откако поради повреда го загубија првиот голман Градимир Чаневски.

БОШКОВСКИ: Со Охрид во прво коло одигравме реми, го добивме Радовиш, јас бев веќе со мислите дека треба да си одам и ете така некако заврши таа приказна. Многу работи ќе ми останат во добро сеќавање. На клубот му посакувам сè најдобро, како што учат тренерите и играчите, така треба да учи и управата, инаку работите секогаш ќе излегуваат од контрола. Се радувам што презимија во Европа. Криво ми е за двајцата ракометари за кои што разговаравме со управата, дека треба да добиваат поголема шанса, Дарио Петровски и Бобан Каковски, сега не играат. Што е штета за нив, но мислам дека тоа е само фаза, и дека во иднина ќе играат. Работник во моментов има солидни финансии, но финансиите во Вардар и Металург се поголеми, па ако желбата е да се стигне Металург, прво треба да го достигнат како клуб, организациски, а тоа не е лесна работа. Да не го заборавиме и Пелистер, големиот битолски клуб кој прави одлична работа со Алушовски. Градските дерби натпревари и атмосферата таму, не може да се споредува со никаде на друго место.

По поразот од Пролет во Скопје, дојде до промена и на тренерското столче во Е. Работник седна Илија Темелковски.

БОШКОВСКИ: Едноставно така заврши таа приказна, резултатски за мене ќе остане некоја сатисфакција, но и некои многу болни работи што ми се случија пред сè на човечки план од човекот што го споменав како градежен работник. Морам да напоменам дека во изминатите шест месеци од битолската јавност постојано беа напаѓани господата Стефановски, дека носат играчи во клубот, но за жал тие немаа никаков увид во политиката на клубот, и не донесоа ниту еден играч после мене. Веројатно моето доаѓање во Работник скапо ги чинеше. Тоа морам да го кажам јавно, им посакувам сè најдобро, им благодарам за вербата и поддршката што во секој момент ја имав од нив. Им посакувам се најдобро на Е.Работник, да ја остварат зацртаната цел, жал ми е што не продолжив таму, но таков е тренерскиот леб.

Македонија ја очекува настап на Европското првенство во Хрватска, а Бошковски очекува добар настап и поддршка од навивачите.

БОШКОВСКИ: Македонија е хомогена репрезентација која долги години е на сите големи натпреварувања, има искуство, систем на игра и така оди напред. Нас како Македонија многу ни е полесно да играме на СП, отколку на ЕП, бидејќи и сами знаете дека квалитетот е сконцентриран во Европа. Групата во која што сме може да се помине и да се оди во следната фаза, нормално дека многу работи треба да се поклопат, пред се здравје, знаење, и среќа, а огромен плус ќе бидат и големиот број на наши навивачи. Јас од срце им посакувам успех и да се израдуваат пред се самите играчи, а потоа нормално и навивачите и целата јавност.

Во исто време со настапот на Македонија на ЕП, селекцијата на Грузија предводена од Бошковски, ќе ги игра квалификациите за пласман во баражот за СП 2019 година, во градот Клаипеда во Литванија од 12 до 14 јануари, каде освен домаќинот, ќе играат и Латвија со вардарецот Кристопанс, како и Израел предводен од македонскиот стратег Звонко Шундовски. Кога на терен ќе играат Грузија и Израел, ќе видиме дуел на двајца тренери што му го донесоа најголемиот репрезентативен успех на македонскиот ракомет, петтото место на ЕП во 2012 година.