ИНТЕРВЈУ – Игор Котевски: Младите ракометари предоцна ги фрламе во оган!

Многу титули во првенството и Купот на Македонија, повеќе од 200 репрезентативни настапи за селекцијата на Македонија, меѓу кои и четири за тогашна Југославија – ова доволно говори за квалитетот на поранешниот репрезентативен пикер, а сегашен тренер на Бутел Скопје, Игор Котевски. Малкумина се оние што не се сеќаваат на она што го постигнал во неговата кариера, но за помладите генерации кои не знаат за кого се работи, Котевски направи пресек на постигнувањата и настапите во клубовите. Меѓудругото во интервјуто на 24Ракомет, ќе дознаете и за која бундеслигашка екипа требало да потпише пред несреќата што го снајде, на кои играчи од сегашната репрезентација им бил тренер, кој го гледа како негов наследник на пикерската позиција…

„Почнав да тренирам ракомет на 12 години, а на 16 години станав дел од првата екипа на Пелистер. Следната година играв стандардно во првата екипа во тогашната југословенска лига. Во одбрана играв 60 минута. Тренери ми беа Боби Гроздановиќ, Богољуб Периќ, претходно Никола Јевремовиќ и Ристо Магдинчев. Играв за националниот тим на Југославија на четири натпревари, но не ме бев дел од СП во Грција, каде што освоија златен медал како Србија по распадот. Играв со навистина добри играчи во тоа време, од сите многу научив. По настапите за Пелистер, играв за Борец Велес, каде тренер ми беше Јошко Петковиќ. По година и пол во Велес заминав во Преспа Јафа, каде поминав две и пол сезони и освоив шампионска титула. Следуваше преминот во Вардар и со овој тим станавме шампиони. Тогаш се случи сообраќајната несреќа, пред која веќе имав понуда да се преселам во бундеслигашот Магдебург. По несреќата се вратив во „црвено-црниот“ тим, но дали ме сожалуваа, дали не веруваа во мене, па не ми даваа шанса. Јас не бев задоволен од третманот, па направив трансфер во Борац Бања Лука. Таму минав полусезона, во која за еден гол не поминавме во четвртфиналето од ЕХФ Купот. Од таму носам прекрасни спомени и можам да кажам дека Бања Лука заедно со Битола се најракометните градови во кои сум играл. Поради финансиски проблеми на босанскиот тим, се вратив на полусезона во матичниот Пелистер. Во Битола одиграв уште половина година, па ме ангажираа од прволигашот Македонија, каде бев тренер играч. Таму беа Филип Миркуловски, Александар Царчев, навистина прекрасни луѓе, со кои обезбедивме место во Суперлигата. Одиграв полусезона, пред пак да се вратам во Битола, каде ја завршив кариерата во следните година и пол, иако одиграв уште неколку средби и за тимот на Куманово“, за раскажа играчката приказна Котевски.

Сигурно малкумина знаат, на битолчанецот беше најдобар стрелец во македонската репрезентација на првиот голем настап на кој настапивме.

„За националниот тим на Македонија имам одиграно повеќе од 200 натпревари. Немав пропуштено ниту еден собир, не сум одбил ниту една покана. Бев капитен на македонската репрезентација на ЕП во 1998 година и бев најдобар стрелец во нашата селекција. Тоа беше генерацијата на Пепи Манасков, кој ни се повреди на третиот натпревар и можеби затоа и поради неискуството не го остваривме тоа што беше планирано и замислено“, вели популарниот Коте.

Набргу по завршувањето на играчката кариера, решава да се проба во тренерските води и станува предводник на составот на Македонија, каде во тоа време играа Царчев, Ристовски, Миркуловски…

„Името и постигнувањата во ракометот што ги имам не беа воопшто мали, но не знам зошто не веруваа многумина во мене. Тренерската кариера за мене започна во Македонија, каде бев и играч. По завршувањето на играчката кариера, првиот професионален тренерски ангажман го имав во МРК Вардар. Почнавме да постигнуваме некој успех и ме викнаа да бидам тренер во младинската екипа на првиот тим на Вардар. По два месеци беа задоволни од мене, ми ја покачуваа платата во два наврати, но за брзо ме отпуштија со изговор дека Аце Станковски нема што да работи, па тој ќе биде тренер и дека имам други работни обврски па не можам да се посветам максимално на тренерската работа“, продолжува Котевски.

Некогашниот репрезентативец можеби е единствениот што успеал да постигне успех со три прволигаши и да ги внесе сите во Суперлигата. Станува збор за Македонија, Драчево и сегашниот негов тим Бутел Скопје.

„Покрај Македонија, имам работено и во Драчево, со кој влегов во Суперлигата и направивме солиден резултат. Иако беше најавуван поголем проект, сепак се смени власта таму, па морав да заминам и преминав во младинската екипа на Пролет. За овој тим можам само пофални зборови да кажам. Ми дадоа шанса, веруваа во мене. Почнав со 6 деца, а оставив 42. Пролет е одлична отскочна даска за секој млад играч. Потоа направив трансфер во Бутел Скопје, па исто како и со Македонија и Драчево, влеговме во Суперлига. Во првата сезона во елитното друштво, можеби никој не веруваше, но еве стигнавме и до плеј-офот и ќе разигруваме и за титулата“, задоволен е Котевски.

Станува збор за долгорочен проект, а Котевски вели дека е тренер на екипа составена пред се од одлични луѓе, а потоа и одлични ракометари. Порачува дека Бутел ќе биде тежок залак за сите други екипи во плеј-офот.

„Ние немавме никаков притисок, рековме ќе пробаме па нека биде што ќе биде. Се собра една добра група на ракометари, ние сме едно сложно семејство. Нашиот тим го краси одбраната и не знам точно, но мислам дека сме во ТОП 3 во лигата со најмалку примени голови. Имаме поддршка од сопствениците, кои ни овозможија се што побаравме. Станува збор за долгорочен проект, но ние не брзаме. Има некои најави за продолжување на соработката со дле под играчите, бидејќи има некои што заслужуваат повисок договор. Тоа што потајно го планирамве – еве го исполнивме. Не бараме многу, не очекуваме многу, нема да му биде лесно на никој со нас и ќе се обидеме не да бидеме петти или шести, туку први. Моите играчи се борат, не сакаат да губат и ќе замрсиме сметки на многу екипи. Јас ги пуштам моите играчи да уживаат во ракометот, да играат ракомет со срце и душа, а каков ќе биде резултатот ќе видиме. Ние не даваме некој да ни влезе во дворот, играме јака одбрана која е комбинација од младост и искуство. Сигурен сум дека не чека интересен плеј-оф“, порачува Котевски.

Тој досега не добил шанса да биде предводник на некоја од националните селекции, но е среќен што конечно македонски селектор ќе ја води сениорската репрезентација и му ја дава целата поддршка на Данило Брестовац.

„Јас сум човек што нема влакна на јазикот и секогаш го зборувам тоа што го мислам. Јас знам дека сум во право за некои работи, ја знам вистината, сега некој ако го боли тоа…Секогаш барам да се видат фактитте и резултатите, кога некој се бира за тренер или селектор.  Во сениорската репрезентација има играчи на кои сум им бил тренер или сум играл заедно. Со Кире Лазаров сум играл кога беше дете од 15 години, сум му бил тренер на Филип Миркуловски, на Ванчо Димовски. Многу ми е драго дека конечно Македонец е селектор. Сите тренери и тренерски структури треба да му дадеме голема поддршка на Данило Брестовац, јас со него играв заедно и сум одличен пријатели и му ја посакувам цела среќа на светот. Ако ни се поклопат сите коцки, можеме во иднина и до подобри резултати, иако во Македонија се помалку има млади квалитетни ракометари на сцената. Проблемот е во тоа што се работи само во неколку клубови кои имаат добри тренери на младинци, а се друго останато е…Почетоците на сите се погрешни. На тренерите во сениорската екипа секогаш им е потешко да ги научат младите тоа што го пропуштиле претходно, некој друг што не ги научил. Таков проблем јас имам со Томче Стојановски, со кој се мачам две години да го насочам правилно, но еве мислам дека израснува во одличен играч“, вели Котевски.

Сите ги загрижува фактот што ќе биде со националниот тим кога ќе се пензионира Кире Лазаров. Котевски верува дека Мартин Серафимов може да биде „новиот Кире“ и мисли дека предоцна ги „фрламе во оган“ оние млади ракометари каде што ќе препознаеме квалитет.

„Ако некој може да го наследи Кире Лазаров, тоа е Мартин Серафимов. Има ист стил на игра со Лазаров, многу слично играат и јас имам одлично мислење за него. Имаме ние таленти, кои мислам дека предоцна влегуваат во сениорска конкуренција. На пример Жарко Пешевски на 25 години влезе во прв тим на Металург oд Металург 2 и потоа во репрезентација. Тој сигурно не научил преку ноќ ракомет и претходно имал квалитет, само требало некој да види. Вујовиќ и Червар ги направија тие втори тимови демек да ги подготвуваат младите македонски играчи, но сепак си носеа нивни играчи и голем дел од нашите таленти се запустија. Мене ми е жал за Марко Нелоски, кој го молев да дојде во Бутел Скопје, да почне полека да се враќа во форма, но одби. Жал ми е и за Мите Караиванов што не направи поголема кариера и уште многу други. „Умре“ ракометот во кој има класични дефанзивци, тоа веќе не треба да постои. Слично беше со Пецаковски, Митко Стоилов….Куковски на пример додека му бев тренер во МРК Вардар играше во напад и на еден натпревар постигна 14 голови“, продолжува Котевски.

Тој беше неприкосновен во негово време на пикерската позиција и вели дека во еден ракометар гледа некој што е сличен на неговите карактеристики на игра.

„Како мене нема друг, хахаха. Во оваа држава може да успее само ракомет и борење. За пикери имаме идеална градба. Работев со Ванчо Димовски, со Коки Петров, со Александар Тренчевски…Најблиску до мене како мој наследник сметам дека е Милан Лазаревски. Повремено работам и со него, сака да научи, да се усоврши. Пробав да го пренесам моето знаење. Има деца што доаѓаат како Давид Даев од Пролет, Марко Трајковски кој има страшен потенцијал. Јас секогаш се прашувам зошто во нашата репрезентација има тренер на голмани, а нема тренер на пикери или во бекови. Данило Брестовац на пример многу повеќе ќе може да му каже на некој голман, отколку на некој пикер или јас повеќе можам да му кажам на некој пикер отколку на некој голман, затоа што сум играл на таа позиција, знам како е…Сите репрезентации има голем стручен штаб, за разлика од кај нас. Некои тренери и селектори дојдоа овде да си пробуваат експерименти и голем проблем е со нив што не даваат отчет на никого. Секој клуб и репрезентација треба да има спортски директор што разбира ракомет и да добива рапорт и извештаи за сите играчи од тренерите. Во Македонија се носат полуквалитетни играчи од странство и мора федерацијата да направи некое правило сите странци што доаѓаат да имаат одреден број настапи за национален тим. Не сакам да се налути некој, ама Бутел Скопје е прав пример како треба да се купуваат странски играчи. Ние сега купивме странци на позиции каде што бевме дефицитарни, па имаме само тројца, бидејќи Мајиќ е веќе староседелец тука“, вели Котевски.

Тренерот на Бутел Скопје смета дека проблемот што ние не создаваме многу ракометари, не е само во младите или старите играчи, туку и во тренерскиот кадар.

„Проблемот е тоа што човек што не играл ракомет не може да го почувствува натпреварот како оној тренер што играл ракомет. Некои работи, колку и да ги пишува во некоја книга, друго е на терен, друго е во книга. Кога сме кај Мастер коуч лиценца, реално можеш да си платиш, си положуваш и си добиваш Мастер. Секој тренер не треба да има фиксна плата и треба да почне минимален. На пример Брестовац како селектор на младинците мора да добие награда за успехот со нив на ЕП. Исто треба да биде и за сениори, за настап на некое големо натпреварување. Ако се помине прва фаза, плус награда итн…Не дека финансиите треба да бидат главна мотивација, но секој успех треба да е вреднува. Сега почнува плеј-оф, ако Бутел биде шести можеби ќе добие една награда, ако биде трети друга, ако биде шампион уште поголема“, заврши Котевски.

Неговиот тим го почнува разигрувањето за титулата на гостување кај градскиот ривал Пролет в сабота со почеток во 18:30 часот.