ИДЕАЛЕН ТИМ НА 12. КОЛО ОД СУПЕР МАШКАТА ЛИГА (АНКЕТА)

Со откажувањето на тимот на Борец од натпреварувањето во Супер машката лига се намали и бројот на голови по коло, но и изборот за најдобрата седумка до крајот од сезоната. Поради тоа што се одиграни повеќе од 51 проценти од натпреварите од сезоната секој ривал на Борец до крајот ќе ги добива средбите со 10:0.

Сепак, тоа не е причина да не се продолжи со изборот на најдобри ракометари, но сега тоа ќе биде од четири дуели. Во 12. коло победи забележаа Еурофарм Работник, Пелистер, Струга и Прилеп. Овие тимови се радуваа на нови три бода во трката за плеј-оф или за бегство од долниот дел на табелата.

Од овие средби тимот на 24 Ракомет ги одбра најдобрите седумиграчи, а на Вас останува со вашите гласови да го одберете најдобриот ракометарво колото. Својот глас за ракометарот за кој сметате дека бил најдобар можетеда го дадете во продолжение (Доколку анкетата не ви се појави веднаш почекајтенеколку секунди за да биде вчитана).

ИДЕАЛЕН ТИМ НА 12. КОЛО ОД СУПЕР МАШКАТА ЛИГА

ГОЛМАН: Градимир Чаневски (Еурофарм Работник)

Составот на Еурофарм Работник продолжува да доминира во Супер машката лига. Дојде до уште една убедлива победа, а голем придонес во овој триумф имаше и голманот Градимир Чаневски кој успеа да одбрани одлично. Еурофарм прими 26 гола и на тој начин успешно го реши овој нов дуел со што само беше зацврстено првото место на табелата.

ЛЕВО КРИЛО: Милан Поповиќ (Пелистер)

Крилото на битолчани повторно имаше одличен ден, а во 12. коло тој беше еден од двајцата најдобри играчи на теренот. Одново имаше добро издаение особено во нападот каде што успеа да постигне осум гола. Тој продолжува со одличната форма, а сезонава покажува дека е едно од најголемите засилувања за составот на Пелистер.

ЛЕВ БЕК: Стефан Дрогришки (Пелистер)

И тој исто како и Поповиќ беше стрелец на осум гола и ја имаше својата најдобра партија откако се врати во Пелистер. Тој одработи добар натпревар и беше лидер во нападот. Осумте гола се доказ дека се враќа во форма и дека е одлично засилување за составот на Пелистер така што ова е најава дека ќе има уште подобри игри до крајот на сезоната.

СРЕДЕН БЕК: Александар Бозароски (Прилеп)

Составот на Прилеп го совлада Вардар со 25:22 и на тој начин дојде до важни бодови. На овој натпревар главниот играч на прилепчани беше Александар Бозароски. Доминираше во секој дел од играта, а неговите 13 гола беа дефинитивно огромен придонес во триумфот на Прилеп. Оттаму немаше дилема за позицијата среден бек.

ДЕСЕН БЕК: Михајло Петровски (Еурофарм Работник)

Тимот на Еурофарм Работник остана со еден десен бек. Михајло Петровски сега останува да го доработи есенскиот дел од сезоната, а тој игра во константна форма. Имаше два гола против Пролет, но неговиот придонес во одбраната е исто така голем со што тој успеа да се најде во најдобрата седумка за 12. коло.

ДЕСНО КРИЛО: Ненад Костески (Струга)

Одигра одличен натпревар во победата над Радовиш. Со десет погодоци беше незадржлив и голем проблем за одбраната на противникот. Костески беше во тимот на колото и минатата седмица, а ова е знак дека влегува во посакуваната форма и веќе игра ефикасно што е секако добредојдено за тимот на Струга.

ПИВОТ: Александар Тренчевски (Струга)

Веќе трето коло по ред пивотот на стружани демонстрира форма на високо ниво. Тој одигра одличен натпревар особено во нападот каде што успеа да реализира деветпати и едноставно покажа дека кога тој игра на Струга и е лесно да дојде до бодови. Инаку, Тренчевски беше играч на 10. коло.

СУПЕР МАШКА ЛИГА

РЕЗУЛТАТИ ОД 12. КОЛО

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК – ПРОЛЕТ          35:26

СТРУГА – РАДОВИШ     37:27

ПЕЛИСТЕР – БУТЕЛ СКОПЈЕ        29:28

ПРИЛЕП – ВАРДАР ЈУНИОР       25:22

ОХРИД – БОРЕЦ              10:0 сл.

СЛЕДНО, 13. КОЛО (08/09.12.2018)

СТРУГА – ЕУРОФАРМ РАБОТНИК

БУТЕЛ СКОПЈЕ – ПРОЛЕТ

ВАРДАР ЈУНИОР – ОХРИД

РАДОВИШ – ПРИЛЕП

ПЕЛИСТЕР е слободен

ТАБЕЛА: 1. Еурофарм Работник 31 бод (360:241); 2. Бутел Скопје 27 (349:275); 3. Охрид 24 (310:266); 4. Пелистер 23 (354:323); 5. Пролет 22 (350:310); 6. Струга 19 (333:310); 7. Прилеп 10 (306:376); 8. Радовиш 9 (339:364); 9. Вардар јуниор 9 (297:364); 10. Борец 0 (252:421).