Играа Пелистер и Бутел, а се „тепаа“ на клупата на битолчани (ФОТО)

На пријателскиот натпревар меѓу битолски Пелистер и Бутел Скопје, кој се одигра вечерва во спортската сала „Боро Чурлевски“, се случи мал инцидент.

Во средината на првиот дел, кога гостинските ракометари водеа со три гола разлика, десното крило Реваз Чантурија шутираше пенал. Tој не погоди, па тренерот Јошко Петковиќ го повлече од игра и притоа му забележа за промашувањето на висок тон. Чантурија му возврати и започна вербален конфликт, кој заврши со мал физички контакт. Двајцата искусни ракометни работници набрзина беа разделени од ракометарите на клупата кои реагираа во меѓувреме.

По прекинот, натпреварот продолжи, а десното крило од Грузија кое има голем стаж во Македонија, а долги години ги брани боите на Пелистер, ја напушти салата.

Јосиф Петковиќ пристигна на клупата на Пелистер кон крајот на минатата година, тој е познат по својот избувлив карактер и специфичен начин на кој ги води натпреварите.