Златната генерација на Червар полека заминува во историјата

Најмладиот член на генерацијата која во 2004 година го освои златото за Хрватска на Олимписките игри во Атина и стави крај на кариерата. Драго Вуковиќ по 19 години на теренот ја завршува кариерата, откако неговиот Гумерсбах испадна во Втората Бундес лига, а тој не се одлучи за нов чекор и замина во пензија.

Тој беше еден од последните тројца активни ракометари кои и донесоа злато на Хрватска на Олимписките игри во Атина. Има богата кариера, а својата репрезентација ја преставуваше десет години во кои постигна големи успеси.

И на клупско ниво беше одличен. Играше за Сплит, Загреб, Горење, Либек, Фуксе Берлин и Гумерсбах. Никогаш не ја освои Лигата на шампионите, но по еднаш го освои Купот на ЕХФ и Светското клупско првенство. За Хрватска на 157 настапи постигна 210 гола.

Од златната генерација предводена од Лино Червар, активни остануваат уште Блаженко Лацковиќ, кој има двојна улога играч-помошник тренер во Хамбург, како и Ведран Зрниќ, кој е дел од Нексе Нашице.