За директор во репрезентација треба авторитет а не тој да биде собар, клучар и перач на опрема

„Знаеме дека тоа прашање и тоа место во репрезентација е сензитивно. Дај да видиме што е работата или како се сфаќа работата на спортскиот директор во репрезентација. Дали е собар, клучар, перач на опрема или треба да е авторитет, вели Наумче Мојсовски, поранешниот репрезентативец на Македонија во интервју за 24ракомет.

„Знаеме добро каква е практиката кај големите репрезентации. Можеби во одреден момент имале и послаби селектори, ама кога ќе застане еден Стефансон како спортски директор, одма има друга тежина. Ние имаме една екипа во репрезентација која е позитивна, но со различни карактери. Дали тој новиот директор, па и претходниот, има доволно авторитет да направи копхезија или да му каже на Кире на пример ти денеска ќе дојдеш во 10!

  • Дали е тоа можеби најсодветно место за некој што добро ја познава соблекувалната, можеби некој поранешен репрезентативец?

Јас мислам дека тоа мораше да биде така. Директор не смислува каква тактика ќе играме, негово е кохезијата во репрезентација и да ги сплоти таму, да нема нервози. Да знае, но и да има авторитет кај играчите.

  • Како поранешен долгогодишен репрезентативец какво е твоето видување за актуелната состојба во македонската репрезентација во која има смена на генерации и осетно подмладување пред настапот на претстојното ЕП 2020?

Јас сум за подмладување. Можеби требаше и малку порано да почне тој процес или не требаше да се одвива така драстично. Сите знаеме дека носителите на играта во репрезентацијата и во клубовите во ракометот се бековите. Ние требаше порано таквите играчи да ги вклучуваме во репрезентација, можеби не со некоја голема минутажа, но доволно да се вклопат и да стекнат искуство. Подмладувањето е неминовен процес во кој и поголеми ракометни сили имаат проблем, како една Германија на пример која три-четири години ја немаше никаде во таквва фаза кога имаа смена на генерација. Не можеме ние да очекуваме дека на Македонија нема да и се случи тоа. Еве последниве неколку натпревари не ни даваат некоја  сигурност. И не смееме сега да се разочараме ако не сме, не знам, петти или деветти на следното Европско и Светско првенство и веднаш да се „плука“ по репрезентацијата. Секоја смена  на генерација е проблем или се чувствува на резултат и мора да бидеме свесни за тоа и реални. Ние сме толкава држава и толкав ни е ростерот на играчи. Мора да им се даде поддршка, да се форсираат младите со одредена доза на претпазливост и реалност во изјавите. Тоа кај нас стално било проблем и јас кога играв, да не биде пак бегајте сите медалот ни е обесен, нас не чека…“

  • Што може да очекуваме од македонската репрезентација на ова Европско првенство знаејќи ги овие реални проблеми и оние работи кои јавноста не ги гледа?

Треба да бидеме малку и реални. Ние што сме поблиску, знаеме дека односите во репрезентацијата не ни се сјајни, знаеме дека има поделби, знаеме кој што како…каков удел има во репрезентацијата и колку би придонел ако е или ако не е задоволен. Второ, да гледаме реално и на тоа дека нашите играчи кои што се во репрезентација се’ помалку настапуваат за клубовите во странство. Ние кога ги правевме најголемите успеси, бевме десет играчи во Металург, ама сите десет игравме, беше Кире тука кој играше, Борко кој играше и уште еден двајца во странство кои играа. Сега, каже те ми еден од нашите репрезентативци што игра во својот клуб повеќе од 15 минути и како игра. Од спортски аспект најважно е кога еден играч ќе дојде во репрезентација подготвен и задоволен, пред се психички подготвен, изиграл убава сезона во својата екипа и доаѓа со самодоверба. Ние сега сме во ситуација и тие репрезентативци што ни се во домашно првенство да не играат. Не правам муабет за тие надвор.

  • Како поранешен репрезентативец, а сега член на УО на РФМ, може ли да направиш паралела какви беа односите и како функционираше репрезентацијата пред шест-седум години кога го направивте најголемиот успех и какви се сега кога репрезентацијата е во транзиција?

„ Сега не сум внатре, но мислам дека сега веќе го нема тоа што го имавме тогаш во репрезентацијата. Зошто? Ние тогаш се надополнувавме едни со други и затоа имавме резултати. Реално ќе кажам. Откога реши Кире да се приклучи на екипата , се направи успех.  Се направи една компактност внатре во тимот, во тие услови што ги имавме тогаш, со расипани автобуси, без опрема. Тогаш некако сите се сплотивме, рековме, луѓе нема овде веќе ѕвезди и, што се вели – го фативме возот. Го победивме Исланд кој тогаш беше олимписки вицешампион. Кога во таа репрезентација немаше ѕвезди, глумење или не знам што, кога можевме сите да си кажеме се што сакаме затоа што никој никого не гледаше „од горе“, ние го направивме најголемиот успех. Ние тогаш не бевме ѕвезди, бевме играчи од мал клуб што сакавме сите да направиме нешто на европска сцена. Сега величините се проблем. Ние тогаш седнувавме сите играчи и се дружевме. Сега кажуваат дека во репрезентација има 4-5 групи, не седнува секој со секого. А тоа е работа на селекторот, ако не може, на директорот. И секако на капитенот. Дајте луѓе да видиме што правиме.

Целото интервју на Мојсовски за 24ракомет можете да го прочитате на следниот линк