Заминува ли Иван Чупиќ од Вардар – Мешков Брест „загриза“ за Хрватот!

Еден од ракометарите на Вардар со најдолг стаж од актуелниот ростер, десното крило Иван Чупиќ, на крајот на оваа сезона може да замине од македонскиот тим и во иднина да ги брани боите на друга екипа која настапува во СЕХА лигата.

Тој дојде во Вардар 2016 година и веднаш во првата сезона стана европски шампион со „црвено-црните“. Некогашниот хрватски репрезентативец потпиша четиригодишен договор со македонскиот тим, но состојбата на клубот и неизвесната иднина само ги подгреваат шпекулациите околу неговото заминување од Скопје една година порано.

Според извори на 24Ракомет од Белорусија, за услугите на поранешниот репрезентативец на Хрватска сериозно е заинтересиран амбициозниот белоруски шампион Мешков Брест, кој оваа година ќе игра во осминафиналето на Лигата на шампионите. На десната крилна позиција оваа сезона ги има Дарко Ѓукиќ и Максим Баранов, а веројатно вториот нема да го продолжи престојот.

Чупиќ потекнува од составот на Метковиќ, потоа играше за Медвешчак, Горење Велење, пред да замине во Октавио Пилотес Посада. Две сезони беше дел од Рајн Некар Левен, а потоа четири години играше за Келце, со кој стана европски првак.

Доколку замине Чупиќ повеќе од веројатно е дека ќе се бара солуција за следната сезона, со оглед на тоа што му истекува договорот и на Данил Шишкарев, а тука е и македонскиот репрезентативец Мартин Поповски.