Завршниот СЕХА турнир во април се враќа во Хрватска

Најдобрите екипи од регионот вклучувајќи ја и Словачка и Белорусија, ќе се борат за осмиот трофеј во регионалното СЕХА натпреварување. Минатиот април, Вардар го крена трофејот во Скопје откако беше најдобар на Фајнл Фор турнирот.

Оваа година шампионот повторно ќе се одреди преку Фајнл Фор турнир. Овојпат завршницата во СЕХА ќе се одигра малку подоцна, кон крајот на април, а засега плановите околу организацијата им се доверени на локалните организатори од Осијек, Хрватска.

Како датум околу кој првично ќе се работи планот за новиот СЕХА Ф4 се споменува викендот 19-21 април, а ќе учествуваат најдобрите четири екипи од регуларниот дел од сезоната. Местоположбата на Осијек е идеална за гостите од Хрватска, Македонија и Србија, а спортскиот центар „Градски врт“ нуди одлични услови за одржување на ваков турнир. Спортскиот комплекс во Осјек, кој содржи седум сали е завршен 2008 година, а е изграден за потребите на Светското ракометно првенство чии домаќин во 2009 година беше Хрватска. Главната арена има капацитет од околу 4000 гледачи, а трибините сигурно ќе бидат исполнети до последно место, со оглед на состојбата на табелата која покажува дека за прв пат на завршен турнир големи се шансите да се пласираат две хрватски екипи.

Засега единствени главоболки на организаторите им претставува пласманот на белорускиот претставник Мешков Брест кој го носи и главниот спонзор во ова натпреварување. Брест се наоѓа на делба на четвртата позиција на табелата заедно со Татран Прешов. Во минатото СЕХА имаше обиди да направи поатрактивен турнир вклучувајќи ги најдобрите шест екипи, а дали повторно ќе видиме ваков формат и оваа година и дали ќе иа промени на локацијата ќе зависи од конечниот пласман на белорускиот шампион.

Плановите се направени, организацијата е подготвена да го започне новиот Ф4 проект, а за точната локација и формат последниот збор ќе го има генералниот спонзор Гаспром.