ЕУРО 2016 АНАЛИЗА: СТЕВЧЕ СТЕФАНОВСКИ ЗА МАКЕДОНИЈА

По првиот настап на Европското првенство во Италија во 1998 кога Македонија ги заврши натпреварите во прелиминарната фаза, следуваше период на пауза во кој Македонија не настапуваше на континенталните првенства. Постот беше прекинат во 2012 година во Србија кога нашата репрезентација успеа да стигне до историската 5-та позиција. Следното првенство во Данска не донесе поволен резултат, бидејќи Македонија успеа да стигне само до 10-та позиција. Од друга страна пак на светските првенства, Македонија има само четири настапи, но достигнувањата се само скромни бидејќи деветата позиција е најдобриот резултат кој што нашата репрезентација успеала да го постигне.

Како што наближува европското првенство, така се загрева атмосферата во нашата земја.

Да започнам со тренерот Ивица Обрван, сметам дека до сега тој ја врши работата коректно. Она што е карактеристично за него е што не е љубител на експериментирање и сака да има 100% проверени сили. Обрван исто така преферира дисциплинирана игра со многу контакти.  Бил тренер и играч во екипи во кои се играла добра одбрана и засега добро ја вклопува нашата селекција во еден ваков тип на игра. Покрај тоа што не сака многу да експериментира со составот, Обраван исто така сака да игра во една иста формација односно со 6-0 одбранбена формација.

Иако се уште не е познат конечниот список, од листата на играчи кои се пронајдоа на списокот повторно е јасно дека репрезентацијата ќе биде слична како и таа што сме ја гледале во последните десетина година. Уште еднаш репрезентацијата ќе биде предводена од Кирил Лазаров, а тука се исто така Наумче Мојсовски и Филип Миркуловски. Кирил Лазаров е повторно во топ форма и ова секако е голем плус за нас. Филип Мирклуовски игра во силно првенство каде што прикажува добра игра. Енигмата во случајов е кај Наумче Мојсовски кој во последен момент доби ангажман во Букурешт. Не се сомневам дека е одлично физички подготвен бидејќи игра под водство на нашиот поранешен селектор – Звонко Шундовски, но сè уште не е јасно како на него ќе се одрази неиграњето на доволно натпревари.

Не ме радува многу ниту состојбата со Дејан Манасков, бидејќи нема доволна минутажа во Вардар. Иако Раул Гонзалес е тренер кој дава шанса на сите ракометари, сепак она што во моментов го игра Дејан во Вардар во однос на минутажата е далеку од тоа во минатото. Гоце Георгиевски игра исто така во силна лига и мислам дека е во добра форма.

Стојанче Стоилов е втората енигма за мене, бидејќи не знам како ќе се одрази неговото играње по 10-на минути во Вардар наспроти 40-на минути кои тој ќе треба да ги одигра за репрезентацијата.

Во одбрана се Ацо Јоновски и Велко Маркоски се разбира доколку успее да добие шанса поради големиот број на повреди кои го мачеа во минатиот период. Факт кој што не треба да го занемариме е тоа дека на ова првенство нема да го имаме Ванчо Димовски во составот.

Што се однесува до одбраната ние најчесто ја користиме 6-0 формацијата каде што ги имаме Ацо Јоновски, Велко Маркоски и Кукоски. Мислам дека дилемата на Обрван во моментов е помеѓу овие двајца ракометари. Доста калкулации ќе зависат од промената на играчи во одбраната бидејќи имаме само неколку ракометари кои играат само во напад. Она што не ми се допаѓа е фактот што имаме кружен напаѓач кој не игра во одбрана, а тоа е страшен проблем за една репрезентација и тоа е случај кај нас. Слабостите ни се на позициите 2 и 5 во одбрана и како Обрван ќе ги покрие овие позиции останува да видиме. Целта најверојатно ќе биде насочена да противниците напаѓаат кон средината каде нашата репрезентација е најсилна.

Што се однесува до голманите, Борко Ристовски направи трансфер во една од најсилните лиги и една од најдобрите екипи во светот. Мислам дека Борко ќе го пружи најдоброто, а проблемот ќе биде околу изборот на вториот голман. Никола Митрески може да ја добие шансата за настап, а реално би требало поради должината на стажот и искуството., но шанса за оваа позиција може да добие и Дупјанчанец. Обрван ќе треба да реши дали ќе настапува со два или три голмани.

Не сум поборник да се игра една иста одбрана и би предложил да се игра 5-1 одбрана и плитка 3-2-1 која што сигурно не е непозната за овој состав. На нашата репрезентација не би и требало многу време да се прилагоди кон овие видови одбрани, а секако би било голем плус да се имаат овие две одбрани.

Нападот зависи од Кирил Лазаров – најдобриот десен бек на светот, но не е занемарлива улогата на Филип и Наумче бидејќи противничките репрезентации ќе се обидат да го сопрат Кирил и тука ќе се отвори шанса за останатите играчи. Она што би можело да ни предизвика проблеми е моментот кога Кирил Лазаров нема да има добар ден и тука треба да се искористи оваа позиција за да се рашири топката до крилата и да се отвори простор за бековите и секако огромна улога би требало да изиграат и кружните напаѓачи.

Битна работа е да се одржи свежината до натпреварот со Србија. Во моментов мислам дека можеме добро да се носиме со составот на Србија иако мислам дека имаме шанси и против останатите репрезентации во групата. Србите настапуваат со релативно млад селектор кој што го познавам од Пелистер и го знам неговиот карактер многу добро, затоа сум убеден дека ќе донесе една борбена екипа во Полска. Брза и дисциплинирана екипа на која ќе и недостасуваат неколку од клучните играчи. Србија може да биде многу опасна доколку ние ја потцениме.

MKDKluc

Клучни играчи на репрезентацијата на Македонија:

Кирил Лазаров- е секако број 1. Играта на Македонија ќе зависи од капитенот на македонската репрезентација.

Борко Ристовски- е исто толку важен како и Кирил Лазаров бидејќи од  формата на голманите ќе зависи и целокупниот настап на нашата репрезетнација. Ристовски од неодамна премина во редовите на Рајн-Некар Ловен тим кој игра врвен ракомет.

Филип Миркуловски- По заминување од Металург, Миркуловски одлично се снајде во Германија, каде е предводник на составот на Вецлар. Во македонската репрезентација ќе игра една од клучните улоги, особено во креирање и реализација на нападот.