ЕУРО 2016 АНАЛИЗА: ПРВ НАТПРЕВАРУВАЧКИ ДЕН

Првиот ден од отворањето на Европското првенство помина очекувано кога во прашањето се фаворитите и победите, иако Онеста истакна дека по конечното свирче не е важно на кој начин ќе дојдеш до победата, Македонија храбро се спротистави на најквалитетната репрезентација на ова првенство.

Андон Бошковски го анализира првиот ракометен ден во Полска

Хрватска 27-21 Белорусија

Белорусија имаше одлично прво полувреме во кое Хрватска покажа дека не е на тоа ниво на кое сме навикнати да ја гледаме.  Во репрезентацијата на Белорусија исто така во првиот дел голема помош имаше во одличниот млад голман Вијачаслав Салдаценка. Работите се менуваа во првиот дел бидејќи на моменти Белорусија водеше, потоа натпреварот премина во егал, а Рутенка го држеше ритамот на Белорусија и во тој период имаше 7/7.

После експериментот од првото полувреме во кое Бабиќ се обиде да игра одбрана со Мамиќ на средината, во игра во вториот дел го стави Гојун, а Дувњак излезе на преден со што се подигна нивото на одбрана во хрватската репрезентација и тие за 30 минути примија само шест голови. Работите кога се менуваат треба да се менуваат структурно и паметно, а мислам дека она што Хрватска го правеше за време на подготвителниот период и за време на првото полувреме го покажа спротивното. Мислам дека Хрватска треба се врати на некои стари и проверени сили.

Норвешка 25-26 Исланд

Да бидам искрен очекував победа на Норвешка со Исланд, бидејќи Норвешка има репрезентација која игра брз ракомет и која за две до три години ќе биде нешто ново на европската ракометна сцена. Што се однесува до овој натпревар, мислам дека  пресуди квалитет и искуство на Исланд пред се на Палмарсон. Иако Норвешка цело време беше во егал, Исланд успеа да го спушти нивото на погодоци на овој натпревар под 30 и на таков начин го завршија натпреварот во нивна полза.

Македонија 23 -30 Франција

Успеавме 50-тина минути да бидеме во егал со Французите и кога ќе ги сведеме сите параметри мислам дека поразот е реален. Франција е дефинитивно една од најдобрите репрезентации и тие играа колку што е доволно за да победат. Можеби на крајот разликата требаше да биде помала, а не 7 погодоци, доколку натпреварот го задржеше истиот континуитет. Она што можам да го кажам е дека Македонија има константа, што се однесува до првиот дел ние бевме во егал во период во кој Омејер имаше 11 интервенции. Во вториот дел успеавме да сопреме неколку чисти ситуации на Французите, но тие пак модифицираа некои работи во одбраната, а ние не успеавме да најдеме решение и примивме неколку лесни голови. На крајот резултатот е реален, а добро е што позитивно се претставивме на отварањето на првенството.

Она што го мисли целокупната јавност и со кое што јас се сложувам дека на крајот натпреварот со Србија ќе го одлучи патникот за следната рунда. Од тоа што Полска го прикажа вчера мислам дека имаме некои шанси против нив, без разлика на одличната поддршка која ја добиваат од страна на 15 000 фанови.

Полска 29-28 Србија

Србите добија добро судење во натпреварот против домаќините. Тие успеаа да наметнат едно добро темпо иако на ова првенство играат без неколку од клучните играчи. Можам да кажам дека на овој натпревар не играа безглаво. Во ситуација кога губеа по 4 погодоци разлика наместо да паднат, тие успеаа да се вратат повторно во егал и продолжат со истиот ритам. Се работи за една репрезентација која нема лидерски играчи од типот на Лазаров, но тие покажаа дека можат да се носат со една репрезентација како Полска. Играа една агресивна одбрана, а голманот Станиќ и покрај тоа што имаше неколку добри одбрани, сепак не се покажа во едно врвно издание кое е карактеристично за Станиќ.

Србија покажа дека е екипа која има променето нешто и дека игра добро. Полјаците пак не беа во позицијата која ја имаше Франција против нас и на крај победија благодарение на грешките кои ги направија Србите.

Од оваа преспектива за нас би било добро Франција да ја победи Србија со висока разлика, бидејќи на тој начин, Србија ќе влезе во еден проблем типичен за самата српска репрезентација, во која ќе бараат виновници за високиот пораз што ќе се одрази на нивната игра. Иако сето тоа е хипотетички, тоа би ја олеснило работата за македонската репрезентација.