ЕУРО 2016 АНАЛИЗА: ЗОРАН КАСТРАТОВИЌ ЗА ГЕРМАНИЈА

Светскиот првак од 2007 година не може да се пофали со успеси во последната деценија. Неколкуте пропуштени завршници од големите натпреварувања ги оддалечија од светскиот ракометен крем, ги немаше на Олимпијадата 2012, Европското во Данска 2014, по што следеше и испаѓање во баражот за Светското во Катар 2015. Но, светската ракометна куќа (ИХФ) со вајлд карта ги врати Германците во живот. Шансата беше искористена, на чело со тогаш новиот селектор, Исланѓанецот Сигурдсон, првенството го завршија како седмопласирани и обезбедија учество на олимпискиот квалификациски турнир.

На престојното ЕП ги очекува пеколна група во која ќе се натпреваруваат со Шпанија, Шведска и Словенија, за многумина групата на смртта. Ситуацијата во таборот на Германија не е сјајна поради повредите на тројцата првотимци Генсхајмер, Грецки и Винчек, но Германците никогаш предвреме не се предаваат.

Зоран Кастратовиќ за репрезентацијата на Германија

Германија, земја со голема ракометната традиција, со најјака машка ракометна лига, земја  со над 700 илјади ракометари/ки и над 4400 тимови, во последните години е без забележителен успех кога се во прашање големите ракометни натпреварувања.

Европскиот првак од 2004-та година и светскиот шампион од 2007-та година, ги има пропуштено Олимпискиот турнир во Лондон 2012 година и Европскиот шампионат во Данска 2014 година.

По неуспешните квалификации за СП во Катар 2015 година (ги загуби двата квалификациски  натпревари против Полска), добија можност за учество на овој турнир со вајлд карта. Со освоеното седмо место на шампионатот во Катар навестија успешни квалификации за Европското првенство во Полска оваа година.

Германскиот тим со пласман на второто место во минатогодишните квалификации во група 7, пред Австрија и Финска, а со ист број на бодови како Шпанија ( 10 ), успешно го трасираше патот за групната фаза од финалниот турнир, во која ќе се спротивстават на репрезентациите на Шпанија, Шведска и Словенија.

Ракометните Титани во групата Ц во Вроцлав и овој пат ќе треба да докажат дека и понатаму се дел од европската ракометна елита.

Германскиот национален тим, под водството на селекторот од Исланд, Дагур Сигурдсон, во пресрет на овој европски шампионат се среќава со големи персонални проблеми. Тимот е ослабен во однос на оној од Катар поради повреди на неколкумина клучни играчи. Повредите на Винчек, Друкс, Генсхајмер и Грецки можат да бидат ненадоместиви кога е во прашање крајниот резултат на шампионатот. Згора на тоа, во пресрет на првенството, поради повредата на левокрилниот играч на Мелсунген – Алендорф, остана само со еден играч – Руне Дамке од Кил, на позицијата лево крило. На спротивната страна од нападот, алтернатива за Тобиас Рајшман, треба да биде поранешениот репрезентативец Селин, десното крило на бундеслигашот Мелсунген.

Изборот на играчите на германската репрезентација, пред Светскиот шампионат во Катар во 2015 година, беа во фокусот на јавноста. Сигурно е дека и оваа година селекторот Сигурдсон ке биде под лупа на јавноста за времетраење на Европското првенство во Полска.

Досегашниот прв голман на репрезентацијата на Германија, Хајневетер е третата опција за следниот турнир. Предност пред него имаат искусниот Лиштлајн од Гумерзбах и Волф од Вецлар.

Она што е симптоматично е дека, селекторот Сигурдсон има голема доверба во некои млади играчи, поранешни или сегашни играчи на тимот на Фуксе од Берлин, тим кој што го водеше до јуни минатата година. Тука би ги спомнале Друкс и Виеде.

Исто така, евидентно е подмладувањето на германската селекција која што ја направи Сигурдсон. Тој процес на подмладување на националниот тим е започнат пред Светското првенство во Катар, со пивотмените Пекелер и Шмид и левиот бек Друкс, а продолжува со крилниот играч Дамке, играчите од задната линија Дисингер, Лемке и Виеде, како и пивотменот Колбахер.

Оно што треба да го очекуваме од овој состав на германската репрезентација во играта во одбраната, се зонските формации 6:0 и 5:1.

Зонската формација 6:0 е типична  за германските екипи и селекции. Новоста што ја донесе селекторот Сигурдсон, е 5:1 игра во одбраната, со Пекелер на местото на истурен ( преден ) играч. Во тој систем на одбрана, при влегувањето на играч на позиција втор пивот, тој има задача да се трансформира во 6:0 зонска формација. Во тактичката смисла тоа е нешто ново, нетипично и освежително од страна на германскиот состав.

Под водството на новиот селектор видливи се некои новитети кога е во прашање играта во позиционен напад. За разликата од порано, сегашната игра во позиционен напад има повеќе комбинаторика, што дава поинаква слика на играта, кога се во прашање навиките на играчите од Германија.

Можно е составот на Германија да има доста проблеми со контра-нападот и транзицијата на играта. Отсуството на искусните крилни играчи, како што се Генсхајмер и Грецки, ги намалуваат шансите за постигнување на лесни голови од контранапад.

gERkluc

Клучни играчи:

  • КАРСТЕН ЛИШТЛАЈН – искусен голман ( 35 години ) на Гумерзбах, бранеше во одличната форма во есенскиот дел од првенството во Бундеслигата. Неговите настапи на Супер купот во Германија беа на врвно ниво. Единствениот од тимот од 2007 година, кој што во оваа селекција има освоено титула светски првак, импонира со својата смиреност помеѓу стативите.
  • МАРТИН ШТРОБЕЛ – еден од најискусните. Играч од големата доверба на селекторот Сигурдсон. Клучен човек на германската репрезентација кога е во прашање игра во позиционен напад. Не се трошеше многу минатата есен во својот клуб, кој играше само средби од националниот шампионат. Прашањето е, има ли Сигурдсон адекватна алтернатива за овој играч.
  • ШТЕФЕН ВАЈНХОЛД – прекален играч за игра во двата правца. Можеби не толку атрактивен за гледачите, но исклучително значаен за тренерот.
  • ХЕНДРИК ПЕКЕЛЕР – Поради играњето на најчуствителната позиција во двата система на зонските одбрани кои што ги игра германската репрезентација, особено во 5:1 одбрамбената формација. Одличната трансформацијата во поинаков систем на одбраната го прави овој играч многу битен за неговиот тим.

Ќе биде интересно да се следат натпреварите на оваа германска селекција на шампионатот во Полска. Тим составен од неколку искусни играчи, без вистински ѕвезди, и голем број на играчи без настапи на врвни натпреварувања во сениорска конкуренција

Им посакувам пласман во втората фаза, а понатаму…