ЕУРО 2016 АНАЛИЗА: ГОРАН ЃОРГОНОСКИ ЗА ЦРНА ГОРА

Црна Гора е најмладата земја учесничка на Европското првенство. Машкиот репрезентатвен состав за прв пат се формираше во 2006 година, а веќе наредната година во Ванта, црногорците победија во својот прв дуел против Финска.

До Полска, селекција на Црна Гора се квалификувала на три големи натпреварувања, еднаш на Светското првенство во Шпанија 2013 година и двапати на европските шампионати во Норвешка 2008 и Данска 2014.

Во првиот настап на квалификациите за Европското првенство, Црногорците го обезбедија првиот пласман на големо натпреварување, но во наредните неколку години немаа доволно среќа и квалитет да ја продолжат низата.

Новата ера кога се во прашање резултатите на Црна Гора започна во 2012 година по изненадувачкиот триумф во двомечот со Шведска, како виза за пласман на Светското првенство 2013. Веќе следната година Црна Гора сензационално ги елиминираше и Германците, овојпат од Европското првенство 2014, каде Црна Гора испадна уште во првата фаза.

Квалификациите за Европското првенство во Полска ги започна од третиот шешир, а во групата 4 се пласираше на третата позиција веднаш зад Исланд и Србија.  Црна Гора патува во Вроцлав како најдобропласирана трета екипа од квалификациската фаза со три победи (Исланд и двата дуела со Израел), еден нерешен резултат против Србија и два порази (Исланд и Србија).

Комплетно реновираниот состав на црногорската ракометна репрезентација предводен од Љубо Обрадовиќ иако ќе игра во група со три „ракометни џинови“ не е без шанса за пласман во следниот круг.

Обрадовиќ е тренер што преферира дисциплинирана игра, со многу физички контакт и многу трчање. Тој одбра состав кој иако е млад по години веќе е искусен играјќи во најдобрите европски (читај светски) ракометни лиги. Многу познати лица има во составот на Црна Гора, како што се Вуко Борозан, Владан Липовина и Раде Мијатовиќ кои еден период настапуваа за Металург, како и пивотот Грбовиќ како член на Вардар. Борозан сега е член на германски Либек, а  Липовина настапува заедно со Миркуловски во Вецлар.  Во Франција се десните крила Мелиќ  и Радовиќ, пивотот Канкараш и бекот Шеваљевиќ.

Генерално нападот на црногорската селекција се темели на  Борозан, Липовина и Грбовиќ како пивот. Борозан и Липовина се играчи од различен профил и одлично се „разбираат“ меѓу себе. Борозан е екстра шутер каков ретко гледа, додека Липовина е играч кој не троши многу топки и игра за екипа. Покрај нив во нападот како организатор на играта се јавува Петричевиќ кој како и остатокот на екипата, тука е да создаде ситуација за бековите Борозан и Шеваљевиќ.

Успешноста на нападот во голема мера (ќе) зависи од тоа како бековите (пред сѐ Борозан) ќе го отворат натпреварот принудувајќи ја одбраната да излезе подлабоко и на тој начин оставајќи простор за останатите бекови да одиграат дуел игра, но и за втрчување на пивотот и крилата (особено искусниот Фахрудин Мелиќ кој игра во супербогатиот ПСЖ).

Од друга страна во одбраната која најчесто е во формација 5-1 со Вујовиќ и Грбовиќ како „индијанци“ на преден и Борозан како „командант“ позади нив ќе игра на граница на дозволено со чести фаули (на моменти и груби) имајќи го предвид стилот на игра кој го наметнува селекторот Обрадовиќ. Црна Гора не прави многу измени напад/одбрана и тоа е добро, но од друга страна се доведува во прашање колку ќе може екипата да издржи во континуитет со јаки противници. Тука пред сѐ се мисли на Борозан кој е клучен играч на двете страни од теренот. Селекторот ќе има тешка задача да ги експолатира сите расположливи играчи, пред сѐ во одбрана, каде може да ги искористи Шеваљевиќ, Лазовиќ, Милашевиќ и Канкараш.

За очекување е во зависност од резултатот и текот на натпреварот, Црна Гора на овој шампионат од 5-1 да се трансформира во 3-2-1 зона и на тој начин да са обидат да ги неутрализираат бековите на противникот, пред сѐ Хансен (Данска) и Наѓ (Унгарија).

Голманите Ристановиќ и Мијатовиќ не се од самиот врв на европскиот ракомет, но во ситуација на агресивна одбрана карактеристична за ракометната екс-ју школа добро се надополнуваат.

Што се однесува до противниците кои Црна Гора ги има во групата „Д“, Данска, Унгарија и Русија се селекциии од самиот врв на европскиот ракомет со многу одличја во минатото. Сепак со добро менаџирање на екипата и тактичка поставеност спрема некои натпревари (штедење на силите на стартот со Данска), ќе можат да ја зачуваат свежината за последниот натпревар со руската селекција на кој можат да се надеваат на успех имајќи ги предвид повредите на клучни играчи (Игропуло и Деревен) и неколку играчи во залез на своите кариери (Растворцев и Чипурин).

Тоа ќе биде многу тешка задача за селекторот Обрадовиќ имајќи предвид дека што младоста, желбата за победа и докажување ќе бидат главна движечка сила на младата црногорска селекција.

Им посакувам многу среќа на ЕП во Полска!

 cgKLUCNI

Клучни играчи:

  • Вуко Борозан, сигурно еден од најдобрите европски шутери со извондредни физички предиспозиции и иако е доста млад веќе има искуство во играње во најдобрата европска лига. Игра во два правци (напад-одбрана) и тоа на позиции од фундаментално значење. Од неговите „проектили“ ќе зависи нападот на црногорците. Прашање е колку ќе може да го издржи жестокиот ритам и да ја сочува „главата“ во моменти кога се решава натпреварот.
  • Владан Липовина, играч кој игра на позиција која е крајно дефицитарна во ракометот, игра во два правци на теренот што го прави важен играч. Ислучително интелегентно игра во одбрана каде не се троши премногу, а во напад троши многу малку топки за позицијата која ја игра. Игра за тимот, знае да „распали“ од место и му ја дава стабилноста на тимот.
  • Фахрудин Мелиќ, игра на позиција десно крило, член на супербогатиот ПСЖ, со дологодишно искуство во најелитното европско натпреварување. Иако не игра на позиција од клучно значење (бекови и голман) со искуството треба да биде лидер на оваа млада селекција на која ќе и треба „глава“ во моменти кога се „крши“ резултатот.